Владата на седница реши да му достави предлог на претседателот Стево Пендаровски во кој се оценува дека за успешно справување со коронавирусот потребна е вонредна состојба во државата.
Пендаровски во изјава за медиумите најави можно продолжување на вонредната состојбата поради Ковид-19 за уште 30 дена на седницата на Советот за безбедност в четврток.
– Владата на Република С. Македонија на денешната 41. седница донесе заклучок да достави предлог до Претседателот на Република С. Македонија со извештај за досега преземените активности од државните институции, со кој се аргументира дека за успешно справување со коронавирусот во државата е потребна вонредна состојба, се наведува во соопштението од владината седница.
Шефот на државата Пендаровски смета дека ќе се прогласат нови 30 денови вонредна состојба, со оглед на состојбите до вчера. Сепак одлуката ќе се донесе во четврток на состанок на Советот за безбедност кога изминуваат првите 30 денови од прогласувањето на вонредната состојба.
– Шансите се извесни и големи да се прогласат нови 30 дена вонредна состојба бидејќи внатрешните состојби кои не ескалираат, но не се значително редуцирани се уште побаруваат ваков тип ангажман од сите надлежни институции и ваков тип на состојба. Првпат вонредна состојба прогласивме во 30 години независна држава меѓутоа првпат и во светот се случуваат некои работи поврзани со пандемија на вирусот. Така, ако денес ги имам тие информации што се од надлежните институции, ако денес ме прашувате за одлука таа ќе биде во насока да се прогласат нови 30 денови, истакна претседателот Пендаровски од Тетово.
Во земјата се зголемува бројот на заболени со коронавирусот, но вчера исто така беше регистриран и поголем број оздравени лица – 42. Од почетокот на епидемијата во С. Македонија регистрирани се 908 дијагностицирани со Ковид-19 и 44 починати.
Позитивни на тестовите за коронавирусот вчера биле нови 54 лица, од кои најголем број односно 25 во Куманово. Општинскиот кризен штаб од градот побара Владата да донесе одлука за карантин со посебни мерки.