Македонија 01. октомври 2018. / 15:47

МОСТ: Постои простор за недоверба во избирачкиот список бидејки не е ажуриран

МОСТ: Постои простор за недоверба во избирачкиот список бидејки не е ажуриран

Фактот дека имаше гласачи кои не можеа да се пронајдат во Избирачкиот список не влијаеше на излезноста на референдумот, но ваквата појава која беше присутна на повеќе гласачки места низ Македонија остава сомнеж врз вистинитоста на податоците во Избирачкиот список.

Ова е последица на несоодветна проверка на податоците во Избирачкиот список од страна на членовите на избирачките одбори, рече претседателот на граѓанската асоцијација МОСТ, Дарко Алексов при објавување на првичната оценка за референдумот.

Тој исто така рече дека имало и други нерегуларности на вчерашниот ден, дел од набљудувачите на МОСТ во неколку наврати пријавиле случај на пропаганден материјал пред гласачките места, потоа непроверка со УВ-лампа, непроверка на документи за идентификација, а меѓу другото биле забележани и слуачи на групно и семејно гласање.

Исто така на мал број гласачки места набљудувачите на МОСТ при крајот на гласањето забележале обиди за нарушување на правилата „еден човек – еден глас“, кои како што кажа Алексов не можат да се окарактеризираат како систематски, туку како изолирани случаи и поради тоа немало влијание врз резултатот на гласањето.

Граѓаните кои гласаа јасно ја изразија својата волја. Гласањето на референдумот помина во мирно, со помал одѕив од вообичаено, оцени МОСТ.

Сите гласачки места на кои МОСТ имаше набљудувачи беа отворени навреме и никој од нив не пријавил поголеми проблеми. Имало случаи на пропаганден материјал пред гласачките места, но по интервенција на полицијата материјалот бил отстранет, беше соопштено на денешната прес-конференција.

МОСТ, исто така ги осуди инциндените во Австралија, каде што беа сликани и етикетирани одредени лица, што е недозволиво.