Во пресрет на состанокот со министрите за надворешни работи на ЕУ во Брисел, пред новинарите утрово се обрати високата претставничка за надворешна политика и безбедност на ЕУ, Федерика Могерини, која и претседава со состанокот.
Една од темите на разговорите ќе биде регионот на Западен Балкан, а особено ќе се дискутира за последните случувања во Босна и Херцеговина по неодамнешните избори.
-Денеска на дневен ред се очекуваат многу дискусии и практично ние ќе го покриеме целиот свет, од Венецуела и Иран до Украина и земјите од Западен Балкан. Во текот на денот ќе се сретнеме со министерот за надворешни работи на Украина, Павло Климкин, и ќе зборуваме за настаните таму, рече Могерини.
Шефовите на дипломатиите на ЕУ ќе ги почнат разговорите за состојбата на човековите права во светот по повод 10 Декември, Меѓународниот ден на човековите права, и 70-годишнината од усвојувањето на Универзалната декларација за човекови права.