Македонија 30. август 2018. / 17:10

Млад газда со нова фирма од МВР доби милионски бизнис за возачки испити

Млад газда со нова фирма од МВР доби милионски бизнис за возачки испити

Дваесетишест-годишниот Виктор Серафимов е сопственикот и управител на Авто испитен центар Скопје, објави Алфа.Фирмата која 7 дена по основањето доби милионски бизнис од МВР за спроведување возачки испити на територија на Скопје.

Алфа денеска ја посети локацијата каде е регистрирана фирмата на Серафимов, но тој не бил на работа, па не успеале да го прашаат дали прв пат се занимава со ваква дејност и како новајлијата во овој бизнис, со фирма стара една недела, успеа да елиминира 4 големи компании кои со години се занимаваат со оваа дејност.

Во деловен објект на улицата Перо Наков 108 А, Авто испитен центар Скопје, неофицијално има изнајмено три простории за работа. Алфа успеа да влезе во една од училниците кој во целост не била опремена за полагање возачки испит. Внатре не им било дозволено да снимаат.

Човекот со кого разговарале, внатре одбил да им ги даде основните податоци, дали почнале со спроведување на возачки испити, каде им се полигоните на испитниот центар. Сепак за МВР според дописот што го испратија вчера до Алфа, Авто испитен центар Скопје, била најдобра која конкурирала на огласот.

„Се работи за дејност за која се доделуваше лиценца само на едно правно лице за Град Скопје за период од 10 години и поаѓајќи од тоа, не е логично да постои друго правно лице со таква дејност затоа што тоа правно лице не поседувало лиценца за вршење на таква дејност на територијата на град Скопје. Оттука, сите овие шпекулации ги отфрламе како неосновани. Според условите во конкурсот, стручната комисија од Министерството за Внатрешни работи, утврдила дека понудата на Авто Испитен Центар Скопје е најдобра и од тие причини им е доделена лиценца за испитен центар за Град Скопје“ велат од МВР за Алфа.

Авто испитен центар Скопје, од конкурс ги елиминираше АМСМ, АСУЦ Боро Петрушевски, ПСС и Ауто Македонија. Фирмата на младиот сопственик е регистрирана на 19 јуни 2018, со минимален паричен влог од 5000 евра, а конкурсот на МВР на кој што и победи беше објавен на 25 јуни истата година. Серафимов лиценцата од МВР ја доби на 14 месецов и истата ќе важи во наредните 5 години.