Министерот за здравство, Венко Филипче, објаснува дека поништениот тендер за набавка на реагенси од 36 милини евра не е скандалозен и затоа тој не гледа причина да си поднесе оставка. За него е неприфатливо тоа што само една фирма се јавила на тендерот оти очекувале најавената заштеда со централизираната набавка да се случи на јавната аукција, со наддавање. Плановите пропаднале кога утврдиле дека само една фирма е заинтересирана, а утврдиле дека и нејзината документација има пропусти. Кои се пропустите, министерот најави дека ќе каже следната недела кога истекуваат роковите за жалба по евалуацијата на понудата.
За распишување нов тендер, прво ќе утврдат која е причината што довела до интерес на само една компанија, за да не ја повторат грешката.
За четирите деца со дијабетес донесени во Клинички центар во рок од една недела министерот вели дека нема лекарска грешка, како што укажуваат здруженијата за детски дијабетес, но остави можност дополнително да се испитаат сите случаи.
Летните одмори го одложиле и комплетирањето на извештаите за смртта на трите родилки со чии семејства министерот вели дека е во постојан контакт.
Министерот најави дека гинеколози од Бугарија ќе дојдат да работат со македонските, а во исто време и македонски гинеколози ќе одат на размена во Бугарија. Недостигот од гинеколози на некои клиники ќе се покрива со гинеколози од клиниките каде што ги има повеќемина сè додека трае школувањето на новите со кои треба да се реши проблемот.
Ви интервјуто министерот одговара на тоа зошто дозволи да се направи скандал и од чистењето на Клинички, а зборува и за зголемувањето на платите на специјалистите.