Пратеникот Антонијо Милошоски во емисијата „Филибатер“ зборуваше и за пописот кој власта се подготвува да го спроведе во април оваа година.
Тој потенцира дека забелешките на опозицијата се темелат на како што вели непринципиелност на власта, околу пописот и пандемијата,
„Кога пандемијата оди во прилог на власта, тоа го користат како изговор. Од друха страна пандемијата е сериозна причина којашто владите во Романија, Германија, Ирска, Србија и во САД ги доведе во ситуација да ги одложат закажаните пописи за 2021 година и истите да ги поместат за 2022 година, со исклучок на Србија која го помести пописот за октомври 2021 година. Ние укажавме на то дека пандемијата е се уште присутна, особено кога има непосреден контакт. Влегувањето во домакинството, нам најмалку ќе ни треба 45 минути за да поразговараме, да ги земеме податоците, да прашате за образование, недзвожнини, имот, познавање на странски јазици, што и да се параметрите на пописот бидејќи е голема операција. И тоа значи дека може да да биде реален ризик за загрозување на здравјето особено на поризичните категории на граѓани“, рече Милошоски.
Според пратеникот, Власта одбива да го одложи пописот што уште еднаш отвара сомнеж дека пописот не го третираат како статистичка операција туку дека пописот за оваа Влада е предмет на меѓупартиски политички договор помеѓу СДСМ и ДУИ.
Тој ова го тврди бидејќи како што објасни имало конкретен предлог со кој ВМРО-ДПМНЕ предлагала пописот да биде одложен за 2022 година, пратеникот Халил Снопче од коалицијата Алијанса на Албанците и Алтернатива предложи пописот да биде одложен за два месеци.
„Неговата логика беше рационална. Тој вели, власта најавува дека во февруари би почнало вакцинирање, тогаш пописот наместо да биде во април да се помести во јуни, затоа што од февруари до јуни ќе имаме повеќе време да вакцинираме барем дел од населението над 60 години и медицнскиот персонал. Но и тој амандман беше одбиен и гледаме дека пописната операција е политичка операција“, појасни Милошоски.