Пратеникот Антонио Милошоски од свои извори дознава дека во МНР не постои архивиран записник од разговорите меѓу премиерот Зоран Заев и лажниот Петро Порошенко и лажниот Јенс Столтенберг.
Милошоски упати пратенички прашања до Заев и до министерот за надворешни работи Никола Димитров, за остварениот разговор со руските комичари.
Заев пред неколку денови на прес-конференција истакна дека напарвен е записник за неговиот прв разговор со лажниот Порошенко, па Милошоски бара копија од записникот и прашува дали македонските дипломати во Киев се информирани за разговорот.
– Според релевантни извори од МНР не постои уредно архивиран записник од советниците Бојан Маричиќ и Дане Талески од првиот разговор на Заев со Лажниот Порошенко (август 2018та). Но, дали Заев ја говори вистината или ги манипулирал новинарите, наскоро ќе дознаеме, преку обврската на премиерот и министерот за надворешни да одговорат на пратеничко прашање. – напиша Милошоски на Фејсбук.
За потсетување, деновиве Заев е мета на реакции откако се појавија снимки од руски комичари кои го измамиле претставувајќи се како политичари.
Вован (Владимир Кузенцов) и Лексус (Алексеј Столаров), објавија видео во кое од името на поранешниот украински претседател, Петро Порошенко, разговараат со македонскиот премиер.
Во разговорот, комичарите зборуваат дека украинските научници ја откриле генетската врска на Порошенко со Александар Македонски, па така, му вели лажниот Прошенко на Заев, „сега можам да се викам Петро Македонски“. Комичарите од името на Порошенко на Заев му нудат помош украинскиот претседател да посредува за МПЦ кај вселенскиот патријарх Вартоломеј.
Заев со комичарите разговара за надворешната политика – преспанскиот договор, односите Србија-Косово, Украина, односите со Русија, ЕУ и НАТО.
Во еден разговор тие го вклучуваат и „генералниот секретар на НАТО”, Јенс Столтенберг.