Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски му одговори и го демантираше почесниот конзул на Република Белорусија кој претходно преку соопштение го обвини Милошоски дека шири лажни вести.
Милошоски во демантот му го препраќа на конзулот прашањето што му го поставил на премиерот Зоран Заев на вчерашната собраниска седница со објаснување дека информацијата била пренесена од неколку медиуми, па легитимно е пратеник да го постави тоа прашање.
Обвинувањето дека „од страна на пратеник се извадени лажни вести”, Милошоски вели дека не одговара на вистината и го смета за навреда и клевета со која се нанесува штета на угледот во работата и извршувањето на неговите обврски како пратеник.
Милошоски му упати забелешка на конзулот дека претходно не побарал информација од него и без да реагира до медиумите кои го објавиле тоа.
Тој му најави на конзулот дека преку адвокат повеќе детали и објаснување на оваа тема ќе добие на неговата официјална мејл адреса.