Македонија 28. јуни 2019. / 12:22

Милошоски до Заев: Зошто советникот Зафировски платата ја прима во Србија?

Милошоски до Заев: Зошто советникот Зафировски платата ја прима во Србија?

Зошто советникот Љупчо Зафировски платата ја прима во Србија, не живее во Франција, како што претходно се тврдеше и неговата биографија не е достапна јавно, го праша пратеникот Антонијо Милошоски премиерот Зоран Заев.

Според Милошоски е многу симптоматично што и по неколку недели не можел да добие конкретен одговор од Владата во врска со авторскиот договор на Зафировски, како и неговата професионална биографија.

– Почитуван Премиере рековте дека вашиот советник живее во Франција, ама сепак неговото постојано живеалиште е регистрирано во Скопје, дали сакате да избегнете плаќање данок па овој советник платата ја прима во Србија? – повтори Милошоски.

Заев објасни дека негово дискреционо право е да ги одбира советниците, законот му го дозволува тоа, дека нивните биографии се јавно достапни и дека Зафировски навистина е често во Франција и има средби со дипломатскиот кор таму, како и претседателот на Франција Емануел Макрон, но не објасни зошто платата на Зафировски се исплаќа во Србија.

Љупчо Зафировски e соработник за „Олеснување на процесот на пристапување на РСМ кон ЕУ, помагање во остварување на стратешките приоритети и определби на Владата во однос на евроатлантските интеграции“.

Тој е советник на Заев со месечен хонорар од 1.200 евра. Советникот кој е еден од подобро платените не може да се најдете на ниту една социјална мрежа, ниту пак неговото име се појавува на пребарувачот Гугл. Не постои ниту некој труд, анализа или изјава поврзана со Европската Унија.