Македонија 23. октомври 2018. / 16:59

Мијалков со вооружени лица ги посетувал пратениците на ВМРО-ДПМНЕ

Мијалков со вооружени лица ги посетувал пратениците на ВМРО-ДПМНЕ

Пред гласањето за пристапување кон уставни измени во Собранието, поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков заедно со вооружени лица, ги посетувал пратениците од ВМРО-ДПМНЕ во нивните домови, дознава Економски Лидер.

Мијалков заедно со уште три вооружени лица, кои се негово приватно обезбедување, а кои носат со себе оружје, ги посетувал пратениците од ВМРО-ДПМНЕ во нивните домови. Мијалков им велел на пратениците да размислат дали сакаат да одат долги години во затвор или сакаат, да им среди со Заев, да бидат амнестирани, велат изворите на Лидер.

Нешто слично на вчерашната седница на Централниот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ, кажал и потпретседателот Александар Николоски.

Николоски на своите сопартијци им открил детали за тоа како Сашо Мијалков и помагал на власта да обезбеди двотретинско мнозинство во Собранието.

Токму лицето Сашо Мијалков во изминатиот период посетуваше дома пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, заедно со луѓе, кои со себе носат и работи кои не се својствени за нормални луѓе и вршеше агитирање да го поддржат договорот. Дел се уплашија, а дел и не потклекнаа. Тие што на прва одбија, веднаш беа обработени со заштитен сведок, а една пратеничка која не е опфатена со случајот 27 април или со СЈО, а која гласаше за уставните промени ‘сосема случајно’ е во роднинска врска со Мијалков – им рекол Николоски на сопартијците.

Инаку, покрај другите причини, ова агитирање во домовите на пратениците беше едно од причините за ЦК на ВМРО-ДПМНЕ да донесе одлука за исклучување на Мијалков од партијата.