Македонија 18. декември 2019. / 20:13

Мицкоски: Заев врши притисок врз Уставниот суд амнестијата утре да биде ставена на дневен ред

Мицкоски: Заев врши притисок врз Уставниот суд амнестијата утре да биде ставена на дневен ред

Добивам повеќе неформални информации дека луѓе пратени од Зоран Заев, преку свои канали се јавуваат, вршат притисок и насочуваат точката која се однесува на оценка за уставноста на амнестијата која беше актуелна пред извесен период да се стави за точка на дневен ред на утрешната седница на Уставниот суд, напиша на неговиот фејсбук профил, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Тој во објавата потсетува дека Претседателот на Уставниот суд е избран на должноста во периодот додека Зоран Заев е премиер, а според лидерот на опозицијата ваквата игра вели е по нивна мерка.

– Дали одбивањето на СДСМ да гласа за автентично толкување на членови од Законот за амнестија кое самите го предложија, е увертира во игранките за идна амнестија? Бидејќи играњето дупло, не е моја игра, сакам да бидеме на јасно, Зоран Заев е единствениот актуелен политичар кој беше амнестиран, но очигледно е и главниот кој е заинтересиран за некоја идна амнестија поради актуелните афери, што би му ја испорачал Пендаровски. Меѓудругото, Заев сѐ уште молчи за мојот предлог да има забрана за амнестија на политичари и амнестирани лица да не се занимаваат со политика. Молкот кажува дека Заев е лично засегнат и од двата предлога, пишува Мицкоски на фејсбук.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ констатира дека како држава нема успех кога луѓе пратени од Власта диктираат одлуки на судот.

На крајот од објавата тој пишува дека притисоците врз Уставниот суд, со потпис на Заев нема да овозможат амнестија која ќе ја попречи правдата за криминалците.

– Тоа треба да го знае секој, сега и во иднина. Компромиси со правдата нема да има. А власта која мисли дека може да ја изигра, многу брзо ќе се соочи со одговорност за кршењето на законите, пишува Мицкоски.