Македонија 20. февруари 2019. / 21:24

Мицкоски: Заев е готов и затоа апси!

Мицкоски: Заев е готов и затоа апси!

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски се обрати на прес-конференција за приведувањето на Трајко Вељаноски, Миле Јанакиески и Спиро Ристовски од страна на Основното јавно обвинителство, за случајот „27 април“.

Мицкоски тврди дека премиерот Зоран Заев ги прави овие апсења се со цел да го прикрие криминалот на власта и неспособноста на институциите.

– Денес станаа јасни две работи. Првата е дека СДСМ предводена од деспотот Заев е во слободен пад. Токму поради штетните политики нивниот рејтинг е во слободен пад. Им следува крај и тежок пораз најпрвин на претседателските избори, а потоа и на предвремените парламентарни избори. – истакна Мицкоски и додаде дека власта е свесна дека народот повеќе не ја поддржува.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ смета дека вечерашното приведување на Вељаноски, Јанакиески и Спировски е очајнички обид на Заев да го крене веќе паднатиот рејтинг.

– Свесни се дека губат и затоа во очај подмолно тие сега одат на внесување на страв во општеството, на нова тура самоволен политички прогон. Институциите на чие чело е деспотот Заев се разнишани. Деспотот Заев го гледа својот крај и затоа е најопасен. Затоа презема очајнички потег на внесување страв меѓу народот. Затоа апси врз основа на изјави на сомнителни лица, без докази, на рекла-казала муабет, со години после настанот за кој ги обвинуваат. – изјави Мицкоски и констатира дека овие луѓе не се виновни и дека народот е веќе разбуден.

Мицкоски рече дека СДСМ сака да се зборува за притвор, за апсења, се со цел да не се зборува за сомнителните вакцини, за непотизмот, за тендерите кои не ги доделуваат на транспарентен начин.

На крај Мицкоски му порача на Заев дека на изборите ќе изгуби како од ВМРО-ДПМНЕ, така и од граѓаните.