Ова е прв чекор и би сакал да кулмунира со заедничка коалиција пред локалните избори, рече Христијан Мицкоски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ пред почетокот на конференцијата „Конзервативните народни партии градат мостови кон заедничка европска иднина“ која попладнево се одржува во хотелот Хилтон во Скопје, а во врска со можното коалицирање со партиите на Зијадин Села и Африм Гаши, Алијансата на Албанците и Алтернатива чии лидери присуствуаат на панел дискусијата на десничарските партии .
На конференцијата чија главна цел е да се изградат мостови на соработка ќе учествуваат и гости од Косово, односно Арбен Кашаху од Демократската партија на Албанија на Љуљзим Баша, а ќе имаат онлајн обраќање и претставници и од Демократската лига на Косово, основана од Ибрахим Ругова, а чиј претседател е Иса Мустафа.
Мицкоски најави дека поздравен говор преку онлајн вклучување ќе има и Пауло Рангел, потпретседателот на ЕПП.
За нас ова претставува посебен момент бидејќи покрај нас покрај коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива тука се и претставници од нашата сестринска партија од Албанија, Демократската партија која што ја предводи мојот пријател господинот Љуљзим Баша со кој што имаме исклучително квалитетна соработка и во рамките на Европската народна партија, рече Мицкоски.
За жал, додаде тој, поради новонастанатата ситуација кај нашиот северен сосед во Косово, претставници од другата наша сестринска партија ЛДК од Косово иако најавени денеска во последен момент го откажаа своето учество, но сепак преку видео врска ќе бидат денеска со нас и ќе можат и тие да ги пренесат нивните очекувања од годините кои што следат, а поврзани со европерспективите во регионот.
Денеска ова е прва од низата конференции кои што се во организација на нашата партиска организација, а тоа е германската Конрад Аденауер кој што го фасилитира целиот овој процес и во таа насока ќе продолжиме и во иднина. Цениме како десничарски конзервативни партии, сестрински партии во рамките на Европската народна партија заедно со нашите пријатели овдека во Македонија тоа е Алијансата на Албанците и Алтернатива можеме и те како да допринесеме во иднина за брз напредок на нашата држава во рамките на евроинтеграции, спроведување на реформскиот процес се разбира и практично на македонските граѓани без разлика на нивната етничка припадност, политичка припадност иако можеби понекогаш за некои теми имаме би рекол различни мислења, рече Мицкоски.
Но, она кое што денеска ги обединува, појасни претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, тоа е нивната десна конзервативна идеологија.