Македонија 05. декември 2019. / 22:09

Мицкоски: ВМРО-ДПМНЕ нема ништо со компаниите на Камчев, но има нелегално замрзнат имот и не може да функционира

Мицкоски: ВМРО-ДПМНЕ нема ништо со компаниите на Камчев, но има нелегално замрзнат имот и не може да функционира

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање за влегување на полицијата во фирмите на Орце Камчев изјави дека партијата нема должничко-доверителски односи со компаниите коишто беа споменати денеска во медиумите.

– Претпоставувам дека ова е дел од начинот на функционирање на СДСМ, Зоран Заев, Оливер Спасовски и останатите. Но, месеци не делат од изборите, свесни се и исплашени од поразот, па единствениот начин да го ублажат е на ваков насилен и брутален начин да го обвинуваат ВМРО-ДПМНЕ за нешто што ВМРО-ДПМНЕ воопшто не е виновно. Напротив, тоа е еден нормален начин на реализирање на активности за време на кампања без разлика дали станува збор за претседателски, парламентарни избори или пак локални избори – изјави Мицкоски.

Мицкоски потсети дека ВМРО-ДПМНЕ во овој момент се уште има нелегално замрзнат имот и како политичка партија не може нормално и пристојно да функционира.

– Ни на тој начин и со замрзнат имот и со измислени акции и со навреди, и со клевети и со сето она кое што следува најпрвин на 3 јануари и потоа на 12 април Зоран Заев, Оливер Спасовски, Радмила Шекеринска и останатите ќе се соочат со вистинската вистина, а тоа е огромен пораз кој што следува на предвремените парламентарни избори. Они нека продолжат, нека монтираат, нека измислуваат, нека притискаат, нека не ја говорат вистината. ВМРО-ДПМНЕ е со народот. ВМРО-ДПМНЕ е во народот. И ВМРО-ДПМНЕ ќе биде победник и историски победник на предвремените парламентарни избори на 12 април – порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.