Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вечерва беше во посета на ОК на ВМРО-ДПМНЕ Охрид, каде оствари средба со голем број на членови и симпатизери на партијата.
Мицкоски посочи дека Охрид е на маргините на вниманието на власта, дека нема перспектива и нема нови инвестиции.
– Власта предводена од СДСМ се служи со манипулации и поинакви вештини и стратегии. Последниот податок кој што го рекоа без срам е дека имале постигнато висок број на странски инвестиции од околу 656 милиони евра, но СДСМ заборава да каже дека половина милијарда односно 500 милиони е реинвестираната добивка на странските компании што ги донесе Владата на ВМРО-ДПМНЕ, затоа што во четвртиот квартал сите тие акумулираната добивка ја извадија и ја реинвенстираа бидејќи од 1-ви јануари наваму благодарение на касапааната која што ја прават во даночната политика им воведоа данок на реинвестираната добивка и им го зголемија персоналецот на распределената добивка. Реинвестираната добивка не е нула како што беше во наше време туку сега е 15%. – појасни Мицкоски.
Мицкоски се осврна дека нема напредок во општеството со капитални инвестиции од само 1 посто раст.
– Заевизмот го гуши општеството кое го преполни со криминал и неодговорно владеење. Станавме држава каде судството и обвинителството работат по нарачка на власта, а наместо развој имаме прогон и страв како механизам на владеење. Но полека целокупната власт се разголува и губи контрола, не е веќе прашање на избор, туку обврска да се победи заевизмот. – изјави Мицкоски.
Лидерот на ВМРО- ДПМНЕ за оваа средба информираше и на Фејсбук.
– Штотуку остварив средба со граѓани во Охрид, градот на природните убавини, на словенската писменост, на богата и раскошна историја, но и градот каде силно се чуствува Заевизмот, кој пред се е неподнослива сиромаштија, криминал и корупција која расте и го јаде нашето општество, секој нејзин напреден елемент. Владата е обезличена, со изгубен кредибилитет, видлива е нејзината неспособност и запрепастувачко незнаење. – напиша Мицкоски на својот Фејсбук профил.
Тој кажа дека власта го занемари целосно Охрид и го остави на работ без перспектива и без нови инвестиции.
– Охрид е на маргините на внимание на власта, нема перспектива, нема нови инвестиции. Единствените странски компании се оние кои се пристигнати од минатата влада на ВМРО-ДПМНЕ. Сегашната власт стигна дотаму и да лажат за нивото на странските инвестиции. Она што го прикажуваат за рекордно ниво е всушност данокот на добивка на компаниите кои е прикажан поради данокот кој го зголемија на почетокот на годината. Реалните инвестиции се неколкукратно помали. – вели Мицкоски и додава:
– Нема напредок во општеството со капитални инвестиции од само 1 посто раст. Луѓето не живеат подобро, Македонија не оди напред. Неправдата е главниот двигател, а страдаат недолжните, оние кои чекаат живот тој никако да дојде. Охрид не заслужува да е на маргините, и треба да е во центарот на вниманието. Затоа потребно е да ја победиме оваа неправда и да се избориме за честита Македонија.