Македонија 07. јануари 2021. / 12:53

Мицкоски: Со Заев се движиме кон анархија

Мицкоски: Со Заев се движиме кон анархија

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски во интервју за НетПрес го искажа своето мислење на повеќе теми, а зборуваше и за правдата.

На прашањето „Го спомнавте правосудството. Изминативе години бевме сведоци на бројни судски процеси, кои Вашата партија и добар дел од јавноста ги оцени како скандалозни, како на пример случаите „Рекет“ и „27-ми април“… Дали од позиција на власт би направиле ревизија на овие случаи?“ тој го одговори следново и ви го пренесуваме во целост.

Видете, ревидирање на судски процеси самото посебе е скандалозно, затоа што ние имаме тростепен судски систем. Основен, Апелација и Врховен суд. Немаме четворостепен, па да бидат политичките партии и парламентот, тие што ќе го ревидираат сето тоа. Се поставува прашањето кои судски одлуки ќе ги ревидирате? Ако, во прв степен е донесена некаква одлука, таа се ревидира во втор степен или онаму каде што има можности и во трет степен. Но, кога како политичар ќе се обратите со ваков речник и ќе кажете ќе ги ревидираме судските одлуки тоа во суштина значи – „Ќе ме запаметите вие јас кога ќе победам што ќе ви направам“. Тоа е директна закана кон судството. Зошто ние тогаш имаме тростепен судски систем?

Но тоа не е суштинскиот проблем. Проблемот е кога ќе ви спомнат Зоран Заев или Бојан Маричиќ реформи во судство, тоа значи бркање на неподобните судии и практично експонирање или унапредување на оние коишто му слугуваат на Зоран Заев. Тоа е скандалозно, само посебе тоа е закана и зошто е таа закана самата посебе скандалозна? Затоа што, целокупниот процес е започнат уште при формирање на онаа „длабока држава“ во судството во 1995/96 година, во едноумие кога поради тоа што ВМРО-ДПМНЕ не беше дел од парламентот како и целата опозиција, тогашната власт практично во еден ден избра 500-ни обвинители и судии. Е, сега 25 години потоа нивните синови и деца треба да направат еден вид освежување на таа „длабока држава“ во судството, и повторно судството да остане под влијание и заробено од страна на истите политичари и истите политички елити коишто се сеприсутни во овој период, а се дел од СДСМ. Тоа е суштината, кога ќе ви зборуваат Зоран Заев и Бојан Маричиќ дека ќе правиме реформи во судството. Тоа значи освежување на таа „длабока држава“ во судството кое што претходно беше етаблирано во 95/96-тата година.

Како се станува судија, треба да знаат граѓаните. Имаме Академија за судии исто како што имаме и Академија за обвинители, којашто ја води Наташа Габер, поранешен Уставен судија предложена од СДСМ. И Наташа Габер филтрира и одлучува кои судии натаму ќе му бидат предложени на Советот на судии. Советот на судии го сочинуваат судии коишто се жестоко притиснати од страна на СДСМ и каде што главен збор го имаат двата предлога на Стево Пендаровски од коишто едниот предлог знаете на социјалните медиуми го има како вее знамиња на СДСМ по митинзите. Тие се тие коишто одлучуваат денеска кој ќе биде примен како нов судија, кој ќе биде унапреден како судија. И нормално главниот критериум кој подлабоко ќе им се покори на Зоран Заев и Бојан Маричиќ. Сѐ додека на тој начин функционира судството во Македонија ние нема да имаме владеење на правото, ние нема да имаме правда во оваа држава. И не само во судството, и на тој начин слично функционира и обвинителството. Се додека вака клиентилистички и на колена седат и коленичат пред кабинетот на Зоран Заев, оние коишто утре претендираат да бидат судии ние нема да имаме верба во судството и во обивинителството, нема да имаме владеење на правото.

Не смее ниту да спомене некој дека денес се обидува да прави реформи во правосудството. Не смее никој ниту да се осмели да каже дека денес имаме во Македонија владеење на правото. Прво, треба да откријат што се случувало во оние незаконски стекнати материјали коишто самиот Оливер Спасовски најави дека ќе има детална истрага, а каде што биле снимани обвинители и судии. И второ, доволно беше да се следи седницата од пред некој ден во парламентот на пратенички прашања каде што еден пратеник го обвини премиерот дека извршил кривично дело поткуп на пратеници. Зоран Заев му одговори на тој пратеник дека тоа не е точно, и дека ако овој поседува докази да ги објави веднаш. Овој пратеник му одговори на Зоран Заев дека поседува докази, но истите нема да ги објави бидејќи не верува на ова обвинителство и судство. Стори притоа второ кривично дело прикривање на докази при сторено кривично дело. Понатаму продолжи Зоран Заев да го обвинува во реторичка форма, дека го помогнал во кампања со ресурски средства сѐ со цел да му нанесе штета на ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски, со што алудираше на сторено кривично дело незаконско финансирање на политичка партија при изборна кампања. А, таквата помош не ја видовме во листот на завршниот извештај на таа политичка партија од предвремените парламентарни избори 2020 година. Ниту еден обвинител не го повика ниту едниот, ниту другиот, без разлика што е тоа кажано од собраниска говорница. Тоа се индиции. Ако има докази едниот, треба да ги приложи тие докази за сторено кривично дело поткуп на пратеници, а вториот да докаже, да покаже со какви ресурси го помагале овој. Сѐ додека овој случај нема разрешница, не меѓународната заедница, кој сака нека дојде, не смее ниту да спомене за владеењето на правото. Лесно се обвинуваат луѓе кои украле 10 кебапчиња, затоа што нема кој да ги заштити. Овие ја покрадоа и опљачкаа Македонија, ја излажаа Македонија и го изневерија македонскиот народ и се слободни и позади себе заведуваат маса.

Затоа, или ќе има правда за сите или ние ќе станеме анархија. За жал, ние со СДСМ и Заев полека, но сигурно се движиме кон анархија. Затоа се потребни промени, потребна е правна држава и да го промениме моделот на избор на судии и на обвинители. Никој не смее да им се заканува. Професионални луѓе, компентентно да си ја вршат работата. Ако се остават слободно да работат судиите и обвинителите ќе имаме добри резултати во судството.