Македонија 22. март 2020. / 10:39

Мицкоски со писмо до власта: Прифатете ги нашите предлози, ќе ви ја отстапам славата

Мицкоски со писмо до власта: Прифатете ги нашите предлози, ќе ви ја отстапам славата

Во отвореното писмо, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, предлага полицискиот час да трае од 18 часот, да се зголеми бројот на тестирања за коронавирус и тестовите да бидат бесплатни, функционерите да се откажат од привилегиите, државата да покрие 50% од сите трошоци за вработените, плати и придонеси, да се замрзнат плаќањата на рати кон банките и заемодавателите.

Мицкоски вели дека ова отвроено писмо значи подадена рака до власта со кое, како што вели, „сакам да потенцирам дека во нас имате пријател, а заедничкиот непријател кој мора да го победиме е пандемијата која одзема животи“, се вели во писмото кое утрово беше испратено до медиумите, а кое се однесува на состојбата со коронавирусот во земјавата, истакнувајќи дека „ова не смее да биде битка на луда храброст без мудрост, туку на мудро употребена храброст за да се победи заедничкиот предизвик со кој се соочуваме“.

-Сосема совесно и разумно како човек, но и како лидер на ВМРО-ДПМНЕ имам колективна одговорност да посочам на работите кои мора да бидат подобри, зошто ако не се, тогаш ќе губиме животи. Стравот кај мене е поради тоа што имаме сериозни слабости во системот кој мора да си признаеме дека потфрла во време кога мора хируршки прецизно да функционира, вели Мицкоски во писмото.

Тој обвинува дека состојбите во македонското здравство се алармантни, дека докторите се пуштени да се справуваат со пандемија незаштитени, небезбедни, под ризик за својот живот, и лично го посочува министерот Венко Филипче дека е заинтересиран за својот пи-ар, нарекувајќи го „портпарол во време кога треба да биде само министер“.

Мицкоски предлага мобилизација на општеството и преземање на итни и драстични мерки без одлагање – конкретно воведување на построг полициски час, најмалку од 18 часот за, како што вели, да има суштина со него и се направи ред, час поскоро и на миг да се испразнат улиците за да се скенира состојбата.

-Се губи контролата над состојбите затоа што секојдневно се отвораат нови жаришта на вирусот. Болниците кои се на располагање се недоволни, а капацитети слаби. При тоа тука не страдаат само болните од корона, туку и оние болни од други болести кои нема да добијат навремена помош заради презафатеноста со справувањето со актуелната пандемија. Неретки се случаите да не добиете помош поради тоа што системот е блокиран. Оттука мора заеднички и силно да се фокусираме кон драстични мерки. Секој ден поминат без нив, ќе значи повеќе животи кои ќе се загубат, пишува Мицкоски.

Од другите предлози во неговото отворено писмо е и тестовите за сомнителни од коронавирусот да бидат целосно бесплатни во државното и приватното здравство и да се удвојат капацитетите за проверка.

-Сега владее потполн хаос каде граѓаните велат дека приватните тестови имаат поголема веродостојност затоа што државните институции ги кријат заболените. Затоа треба да се делува во отстранување на тие сомнежи, вели Мицкоски.

Во делот на економијата, тој бара државата да покрие 50% од сите трошоци за вработените, плати и придонеси, да се замрзнат плаќањата на рати кон банките и заемодавателите и Владата да подготви програма за финансиско кратење на привилегиите и непродуктивни трошења на функционерите.

Тој исто така побара да не се профитира од оваа криза, обраќајќи им се на трговците со респиратори, пченица и како што ги нарекува „ококорени политичари бизнисмени“.

На крајот тој им се обраќа на премиерот Спасовски и на лидерот на СДСМ Заев во кое ги повикува да го прифатат овии предлози.

-Прифатете ги, а јас ќе се откажам од сите политички ловорики кои вам ќе ви ги отстапам. Мене таква слава не ми треба, само прифатете ги и дејствувајте итно. На граѓаните и Македонија и треба помош и лидерство, вели Мицкоски во отвореното писмо.