Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, во Брисен, на маргините на Политичкото собрание на Европската народна партија, оствари средба со шефот на пратеничката група на ЕПП, Манфред Вебер.
Со Вебер разговараа за европската агенда на регионот, како и за состојбите во Македонија.
– Остварив средба со шефот на пратеничката група на Европската народна партија во Европскиот парламент и кандидат на ЕНП за претседател на Европската комисија, Манфред Вебер.
Разговаравме за европската агенда на регионот, го запознав со актуелните случувања во Македонија. Изразив загриженост за растечката корупција. Буквално Македонија е на дното на рангирањата во Европа по борбата против корупцијата. Државата е заштитник на корупцијата која се продуцира од редовите на власта.
Потребна е искрена посветеност за почитување на правната држава, владеење на правото и спроведување на законите. Мора да се врати сигурноста и власта да обезбеди борба против криминалот. – напиша Мицкоски на Фејсбук.