Македонија

Мицкоски: Сакам да ги замолам сите граѓани да не подлегнуваат на сите овие обиди за понижување и омаловажување

Мицкоски: Сакам да ги замолам сите граѓани да не подлегнуваат на сите овие обиди за понижување и омаловажување

По средбата со шефицата на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, Федерика Могерини, лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски изјави дека средбата поминала во еден пријателски убав амбиент, при што биле разменети мислењата околу актуелните политички случувања во државата.

Ги кажавме нашите аргументи, ги слушнавме позициите од страна на еврокомесарката Могерини, истакна Мицкоски.

-Во интерес на тоа што беше внатре кажано би задржал на оваа изјава околу позициите за внатрешните случувања во државата, но и актуелната политичка тема која што е поврзана се разбира со реформскиот процес, но и со референдумското изјаснување кое што би се случило на 30 септември, рече Мицкоски.

Тој упати апел до граѓаните да не подлегнуваат на обидите за понижување, кои, како што истакна Мицкоски, премиерот Заев, неконтролирано ги кажал изминатите неколку дена, егзибиционистички во негов стил, за време на средбите со граѓаните .

-Можевме да слушнеме како претседателот на владата повикува на камшикување на сопствениот народ, можевме да слушнеме како претседателот на владата господинот Зоран Заев повикува на мито на сопствениот народ кога ги повикува бизнисмените да го одврзат кесето и да дадат 13-та плата, како имал средба со одреден бизнисмен во владата. Би сакал да ја искористам оваа прилика и да се обратам до граѓаните на Република Македонија, до моите пријатели, роднините, до моите соседи, до моите колеги и до моите сопартијци и сакам да ги замолам сите граѓани во Република Македонија да не подлегнуваат на сите овие обиди за понижување и омаловажување бидејќи никој во историјата македонскиот народ не го камшикувал, па нема тоа да му го дозволиме ниту на Зоран Заев, ниту на било кој кој што ќе се обиде да направи такво нешто.

ВМРО-ДПМНЕ, вели Мицкоски, секогаш бил столбот на државата во Република Македонија, така ќе биде и овој пат. Послушајте го вашето срце и разум како да постапите во својот живот, така и постапете на 30 септември, порача тој.

На прашањето дали по средбата со Могерини, остануваат на ставот дека секој граѓанин треба да одлучи по сопствено мислење за референдумот, Мицкоски рече дека ставот, како партија не го градат врз основа на чувства, туку врз основа на онаа навигација која што ја добиле од граѓаните и врз основа на сите оние информации од средбите со пријателите од меѓународната заедница, но и оние со граѓаните.

-Нашиот став е изграден потврден од телата на партијата од, Извршниот комитет, едногласно од Централниот комитет, така што ВМРО-ДПМНЕ, го кажа својот став и јас сега не би го повторувал и нема промени во истиот, рече Мицкоски, нагласувајќи дека ќе мора сите да почекаат на 30 септември, како што рече, еден ден после неговиот роденден, за да видат како ќе постапи тој на референдумот.