Во своето гостување во вестите на телевизија Сител, лидерот на опозицијата и претседател на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски изрази крајна разочараност од реформските процеси во Македонија и истакна дека можно е Македонија и годинава да не добие датум за отпочнување на преговори со ЕУ.
Тој вели дека многу лесно може да се случи уште едно фијаско на владата на премиерот Зоран Заев на полето на европските интеграции, слично со она што се случи минатата година кога се славеше добивање на датум кој Македонија впрочем никогаш не го доби.
– Ние сме крајно разочарани бидејќи ова што денес ни се случува во Република Македонија и врз основа на информациите кои што ги добиваме, може многу лесно да се случи уште едно фијаско на оваа влада, односно да не добиеме датум за отпочнување на преговорите со ЕУ во јуни месец оваа година. Што навистина ќе значи уште еден пораз за оваа влада. И уште еднашка ќе се потврдат сите оние наши претпоставки и стравувања дека Македонија не се движи во вистинска насока. Минатата година славевме за датум за добивање датум за отпочнување преговори видовме дека тоа не се случи дека е една лага. Гледаме дека оваа година повторно се бориме за еден таков датум, повторно стравувам дека истото тоа нема да се случи. – вели Мицкоски.