Македонија 12. септември 2019. / 21:52

Мицкоски: Ќе испратам писмо до Европската народна партија да не ги казнуваат граѓаните на Република Македонија

Мицкоски: Ќе испратам писмо до Европската народна партија да не ги казнуваат граѓаните на Република Македонија

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во интервју за неделникот ФОКУС одговараше на прашања за актуелната политичка ситуација во Македонија. Тој беше запрашан за датумот за преговори и ФЕДИС на Виктор Орбан.

ФОКУС: Поентата ви е дека повеќе влади партиципирале во тој процес? Добро е што по отворањето на поглавјата ќе имаме многу посилен мониторинг од Брисел, кој и да е на власт.

МИЦКОСКИ: Токму тоа беше дел и од мојот одговор. Ќе ви кажам дека како лидер на опозицијата, како ВМРО-ДПМНЕ ќе испратам писмо до Европската народна партија, до сите наши сестрински партии, со молба да не ги казнуваат граѓаните на Република Македонија бидејќи тие заслужија европска перспектива. Така што овој процес, ниту Зоран Заев, ниту Христијан Мицкоски, ниту кој било политичар, кој патем речено е бирократ платен од народот, има право да го приватизира. Ова не е приватна забава на политичари кои видовме дека до гуша се заплеткани во кал и тонат од ден во ден. Ова е заслуга на граѓаните и како таков мора да се третира. Тоа што ќе се почне сега како процес значи загарантирана европска иднина за сите граѓани, и тие што се присутни во Македонија, но и тие генерации што се надвор, но и тие генерации што доаѓаат.

ФОКУС: Член сте на Европската народна партија, дали ви е идеолошки поблиска до ЦДУ на Ангела Меркел или ФИДЕС на Виктор Орбан, бидејќи имам впечаток дека многу ви се полесни контактите со Орбан.

МИЦКОСКИ: ВМРО-ДПМНЕ е дел од Европската народна партија и апсолутно споделуваме исти вредности со сите членки и сестрински партии што се дел на Европската народна партија. Да, личните релации можеби со определени политички партии се поблиски, со некои се подалечни, можеби и географијата тука игра улога, така што ако ме прашувате дали ВМРО ги споделува вредностите на Европската народна партија, да, ВМРО ги споделува истите вредности.

ФОКУС: Да, но 12 партии реагираа и бараа исклучување на ФИДЕС,односно имаа критички забелешки за ФИДЕС.

МИЦКОСКИ: Во рамките на внатрешната дебата, а поврзана со таа иницијатива се донесе заклучок ФИДЕС да биде член и не само член, туку е и силен столб во рамките на функционирањето на Европската народна партија. И да ве потсетам дека г. Орбан е пријател на ВМРО и на Република Македонија и во минатото и во иднина.

Целото интервју можете да го прочитате во печатеното издание на ФОКУС