Македонија 21. декември 2019. / 17:04

Мицкоски: Одговорност ќе има, треба да знае и самиот Заев и тука амнестија не му помага

Мицкоски: Одговорност ќе има, треба да знае и самиот Заев и тука амнестија не му помага

„Ќе донесам правда. Правдата која ќе стане наш заштитен знак“, порача пред полната сала „Јане Сандански“ претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на завршниот митинг од Разговорите за обнова на Македонија.

Појаснувајќи, рече дека нема малку или многу правда, туку дека е апсолутна, единствена и безмилосна и дека мора да се избориме за неа, затоа што ќе немаме друга шанса.

– Не смее да имаме невини луѓе во затвор, патриоти кој се таму само затоа што ја сакаат Македонија, да имаме по затворите луѓе кои ограбиле трафика со повисоки казни од оние кои го ограбиле народот. Да имаме на слобода криминалци кои не се појавуваат во општеството како криминалци тука како успешни деловни луѓе, а се обогатиле на грбот на напатениот народ. Не браќа и сестри, тоа не може веќе така. Доста е, порача Мицкоски.

Одговорност мора да има за секого, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ велејќи дека знае оти по преземањето на власта ќе има такви кои ќе се изгорат од мечот на правдата зошто нанеле неправда.

– Правдата значи и одговорност, одговорност за секој направен престап, за секое огрешување кон законите и посрамување пред граѓаните. И тоа мора да го знаат сите функционери, сега од оваа власт на Зоран Заев. Но, да потсетам треба да знае и самиот Зоран Заев и тука амнестија не му помага. Но, тоа треба да го знаат и сите идни функционери во новата влада на ВМРО ДПМНЕ, порача Мицкоски.

Тој додаде дека верува во принципи и дека не смее повеќе на политиката да се гледа како извор на богатење, и затоа, како што најави, ќе се донесе закон за испитување на потекло на имотот на функционерите и нивните семејства со цел да се види кој се збогатил со труд, а кој со крадење, а украденото ќе оди назад кај граѓаните.

– Принципите значат и замена на политиката на ниски страсти во политика на дела. Законот за јазици не го прави автопатот кон Блаце, или канализацијата во Арачиново, прогонот на Заев не ги стави вистинските криминалци зад решетки, еврооптимизмот на власта не ја донесе земјата во ЕУ, затоа што за сето ова треба работа. А, ЕУ значи принципи, а патот до таму значи работа, напорна работа кон која се обврзувам. И знам дека го одбираме потешкиот, но верувајте тоа е вистинскиот пат. Затоа што вербата во принципи е верба во вредности. Со чист образ пред народот. И не заборавајте ВМРО се роди затоа што веруваше во принципи, во слобода и во правдина. Тоа е нашиот код, неизбришлива емоција повеќе од еден век. И не го заборавајте тоа, рече Мицкоски.