Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски смета дека на лидерската средба бил реафирмиран ставот дека датумот за избори треба да се одреди консензуално, а повеќето лидери се согласиле дека здравјето на граѓаните е најважно.
Мицкоски потенцираше дека не сака да биде премиер ако еден загубен живот е цената која треба да ја плати неговата партија.
„Ако еден човечки загубен живот е цената со која што треба ВМРО-ДПМНЕ да победи на следните предвремени парламентарни избори, а јас да го добијам премиерскиот мандат, тогаш одбивам да бидам дел од таквата процедура. Тоа е во согласност со сите ставови со кои изминатите денови политичките лидери излегуваа во јавност, дека не е важен изборниот процес и изборите, туку важно е пред и над се, здравјето на граѓаните. Тоа беше нашата позиција од самиот почеток. Имаше и такви позиции кои го определуваа датумот, а потоа велеа дека Комисијата за заразни болести треба да каже дали и како ќе се спроведуваат мерките и изборите, што го оценивме како незрело и несериозно“, рече Мицкоски.