Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска е во посета на Радовиш како дел од акцијата „Мицкоски со граѓаните“. Пред средбата со нив, тој ја посети компанијата Алфа Инжињеринг која постои над 20 години и вработува 50 луѓе.
Како што објави на неговиот фејсбук профил, било разговарано за бизнис климата, за проблемите со кои се соочуваат и решенијата за кои Мицковски посочува дека ќе бидат дел од програмата на партијата.
– Тие (решенијата) треба да обезбедат економски развој и создавање на услови што повеќе млади луѓе да си ги задржиме во нашата земја, во нашите градови. Со вакви параметри каде секоја недела Македонија е неславен рекордер по одлив на мозоци, по криминал и корупција, по загаден воздух, по ниски плати не правиме ништо. Затоа се потребни промени и обнова. Програмата која ќе ја понудиме ќе содржи одговори за потребите и она што и треба на Македонија. Со таа програма ќе се обврземе за промени, за резултати и за обнова, напиша Мицкоски на неговиот фејсбук профил.