„После изборите, на 12 април нема бегање. Следува одговорност. Па колку и да праќате гласници да молат за милост. Ќе одговарате и за арамилукот, ќе одговарате и за криминалот, ќе одговарате и за корупцијата. А најмногу ќе одговарате затоа што национално го подведовте народот“, истакна пред Кумановци лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
Во склоп на средбите со граѓаните за „Обнова на Македонија“, Мицкоски порача дека избори ќе има, дека на трети јануари ќе има техничка Влада, а на 12 април 2020 ќе победи обновата за Македонија.
– Ги пониживте и ги омаловаживте граѓаните на Македонија. Пред избори ги лажеше луѓето. Ги гледаше во очи и ги лажеше, исто како што сега повторно ќе прави. Ќе оди, ќе ветува се и сешто, и ќе лаже за да ги сочува привилегиите. Уште бесмртност не ветил, друго се ветил, рече Мицкоски.
Според лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев бега од оговорност затоа што знае дека после 12-април следува оговорност.
– Дали ќе биде, мало сутра, или поинаку, подготви се за долга политичка пензија после 12-ти април 2020-тата. Подготви се за одговорност и ти и тие околу тебе, рече Мицкоски.
Тој порача дека после 12-ти април 2020 година власта ќе нема каде да бега, а дека правдата ќе стигне.