Македонија 22. март 2019. / 19:47

Мицкоски од Кичево: Власта сака да не втурне во црно сценаријо на поделби, неправди и прогон

Мицкоски од Кичево: Власта сака да не втурне во црно сценаријо на поделби, неправди и прогон

Бев во посета на кичевската населба Ламели. Имаме тешко секојдневие, незнаење на власта и огромна неспособност. Имаме неправда на секој чекор, напиша лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на својот Фејсбук профил.

Неправда е кога премиерот лажно ќе кажува дека е спасен идентитетот, а МАНУ која е еден од столбовите на државноста ќе го менува своето име, неправда е кога Заев ќе биде ослободен од поткуп, а недолжни граѓани ќе ги полнат затворите.

Неправда е и кога власта ќе вети дека ќе има 500 евра просечна плата, а во реалноста има 500 илјади кои живеат во сиромаштија.

Неправда е кога Заев ќе вети економија за сите, а во реалноста ги зголеми даноците.

Неправда е и што илјадници млади луѓе ја напуштаат нашата земја, иако ветуваше иднина тука во земјата.

Неправда е што ветуваа ефикасно здравство, а добивме здравство со кое умираат луѓе.

Неправда се и криминалите, тарифите кои се испорачуваат во еден ресторан во источна Македонија како поткуп за тендери на власта.

Власта сака да не втурне во црно сценаријо на поделби, на неправди и прогон. Тоа нема да донесе иднина. Во овие моменти се обединуваме и само така можеме да ја смениме иднината, да се избориме за подобро утре, за сонот за Македонија, за спас на државата од сигурна пропаст.

Затоа да се избориме за правда, и владеење на правото. Да се избориме за Македонија!, напиша Мицкоски на Фејсбук.