Христијан Мицкоски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, на крајот на оваа или на почетокот на следната недела најавува старт на собирањето на потписи против Законот за попис, откако претседателот Стево Пендаровски го потпиша указот.
„Ќе почекаме да се објави законот во ‘Службен весник’, веднаш потоа ќе се соберат и пратенички потписи, а паралелно од крајот на оваа или од почетокот на идната недела, ќе започнеме со собирање на граѓански потписи низ подрачните единици на Министерството за правда, за носење на нов закон со кој ќе се укине законот со кој се отвора патот за фалсификат и политички попис. Ќе ги повикаме граѓаните масовно да се потпишат на нашиот предлог за укинување на таквиот закон. Се надевам дека нема да се случи Владата да одлучи да го игнорира гласот на граѓаните“, најави Мицкоски за Дојче Веле.