Христијан Мицкоски, лидерот на ВМРО ДПМНЕ заедно со Тони Менкиноски претседател на правната комисија на партијата се сретнаа со амбасадорката на Кралството Шведска, Кристин Форшгрен Бенгтсон.
На средбата било разговарано за актуелните политички случувања во Република Македонија, предизвиците со кои се соочува нашата држава на европскиот пат и претстојните парламентарни избори.
Посочив дека главна стратешка определба на ВМРО-ДПМНЕ е членството во Европската Унија, притоа истакнав дека по 12 април, новата Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ има план како да ја стави Република Македонија на брзата трака за членство во Унијата.
Потенцирав дека најголемиот проблем со кој се соочува нашата држава е криминалот и корупцијата во највисоките ешалони на власта, воедно ова е еден од клучните предизвици за Македонија на патот кон ЕУ и аргумент повеќе за оние кои се скептични за натамошното проширување на Унијата. Новата Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ, ќе се фокусира на суштинските реформи во правосудството и искоренување на криминалот и корупцијата во Република Македонија – изјави Мицкоски по средбата.
Мицкоски и амбасадорката на Шведска Кристин Форшгрен Бенгтсон се согласиле дека соработката помеѓу двете држави е на одлично ниво, но постои простор за дополнително продлабочување на соработката помеѓу Република Македонија и Кралството Шведска.