Изборната кампања за предвремените парламентарни избори ќе се адаптира на актуелните услови заради коронавирусот и ќе се води на алтернативни начини, вклучувајќи и преку социјалните медиуми. Засега нема најава за одлагање на изборите, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски по лидерската средба во Владата.
На средбата, како што рече Мицкоски, биле информирани за моменталната ситуација со коронавирусот, за мерките, препораките и забраните и се договориле, доколку има потреба, да се продолжи со ваквите средби.
-Средбата повеќе беше од информативен карактер, отколку за политички теми. За нас е од големо значење и справувањето со економските последици по коронавирусот. Тие ќе бидат огромни и по светската економија, а Македонија не може да е имун, рече Мицкоски.
Одговарајќи на новинарско прашање, тој кажа дека во однос на изборите не се разгледала можност за нивно одлагање. Мицкоски кажа дека кампањата ќе се води на алтернативни начини, со оглед на забраната за собири.
-Тоа е забрана со определена одговорност. Мора да се почитуваат законите не може да постапувате волонтуристички. Се додека има забрана нема собирања, додаде Мицкоски.