Македонија 31. август 2019. / 16:47

Мицкоски на средба со коалиционите партнери: Избори за крај на агонијата во Македонија

Мицкоски на средба со коалиционите партнери: Избори за крај на агонијата во Македонија

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, заедно со генералниот секретар на партијата Игор Јанушев и потпретседателот Владо Мисајловски денес оствари средба со претседателите на партиите од Коалицијата за подобра Македонија.

На средбата беше разгледана моменталната општествено – политичка ситуација во државата, зголемениот криминал и корупција, како и загубената надеж на граѓаните во правната држава.

Од ВМРО-ДПМНЕ соопштија дека последните случувања со случајот Рекет и милионското изнудување на пари од бизнисмени, беа оценети како поразителни за правниот систем. Таквата криминална операција која траела со месеци е оценето дека не е можно без знаење на највисоките претставници на власта.

Според опозицијата недејствувањето на ЈО и другите институции, што се огледува преку развлекување на истрагата, ја загрозува нашата европска иднина, и истото е поразително за државата.

– Недозволиво е поради криминогеноста на власта да страдаат граѓаните и државата. – велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Мицкоски истакна дека Македонија се соочува со целосна стагнација на сите полиња. Особено во економска сфера.

– Граѓаните се сѐ посиромашни. Земјоделците понижени, лекарите незадоволни, образовните работници немотивирани. – соопштија од партијата.

Заклучено е дека се потребни што е можно побрзи предвремени парламентарни избори, за да се стави крај на агонијата во која е западната државата. За веднаш по изборите да се пристапи кон систематско решавање на проблемите на граѓаните во насока на обнова на Македонија.