Помошта што ја дава владата не само што е задоцнета, прекасна, туку и недоволна. Пакетот мерки е огромно разочарување за граѓаните и бизнисот, по втор пат. Ова е далеку од доволно, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на прес-конференција во седиштето на партијата.
Објаснувајќи дека тоа што го говори не е за политички поени, или дека по автоматизам треба да се критикува се што доаѓа од Владата, туку дека според објективни параметри, мерките кои ги донесе Владата нема да ја залечат економијата, а кризата ќе се продлабочува.
-Не викам дека нема поединечни мерки кои не се добри, но ви викам и тврдам дека целиот пакет за помош не е вистински и не е доволна помош која му треба на стопанството и граѓаните. Овој пакет нема споредба со она што го нудат државите од регионот. Србија помошта од 5 милјарди евра ја понуди кон граѓаните и бизнисот, Словенија 3 милјарди евра, Грција 6,8 милјарди евра, посочи Мицкоски.
Тој појасни дека во Словенија сите само-вработени од погодените бизниси ќе добијат помош од 700 евра, а државата ќе им ги плати придонесите. По 150 евра ќе добијат и редовните студенти, а додаток на плата ќе добијат семејствата со три или повеќе деца. Србија најави помош по 100 евра на секој возрасен граѓанин, тоа се 520 милиони евра, а со цела плата ќе ги помогнат индивидуалните бизниси.
-Ова е како се справуваат државите околу нас, а нашите мерки се далеку од доволни, рече Мицкоски, додавајќи дека и за март вработените треба да добијат плата. Државата ги остава сами сопствениците на бизниси, рече тој.
Вели дека многу компании нема да можат да ги добијат ниту оние скромни 14.000 денари, затоа што се потребни ефективни работни часови.
-Што подразбира ефективен час поминат на работа? Неделно тоа се 40 часа, дневно се 8, а месечно 160 часа. Имајќи предвид дека вонредната состојба ќе трае до средината на месец април, а најверојатно како што стојат за жал работите ќе биде продолжено уште за еден месец. Тоа значи дека вработените ќе имаат нула ефективни работни часови во месец април. Или тоа ќе значи дека компаниите за кои што работат овие вработени со нула ефективни работни часови во месец април ќе не можат воопшто да ја користат оваа поддршка од 14.500 денари, рече Мицкоски.