Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски по завршување на вечершната средба со коалиционите партнери изјави дека ги информирал за вчерашната лидерска средбa, како и тоа дека по негов предлог го смениле името на коалицијата.
–Ги информирав партнерите за вчерашната лидерска средба кај претседателот Пендаровски и за предвремените избори. Предложив Коалицијата за подобра Македонија да се преименува во Коалиција за обнова на Македонија и тоа беше едногсласно прифатено. На Македонија и е потребна обнова, рече Мицкоски.
Тој додаде и дека има комуникација и со други политички партии за да се приклучат во партијата.
–Имаме комуникација со други политички партии да се приклучат во коалицијата, некои ги видов вчера и во друштво на Зоран Заев. Раговараме и со албански политички партии – кажа Мицкоски.
Меѓудругото, тој посочи дека анкетите покажуваат дека ВМРО-ДПМНЕ е во водство и дека ќе победи на следните избори.
–Мислам дека Заев не верува во тоа што го кажуваше вчера, вистината е различна. Анкетите кои ги прават европските тела во Македонија се во насока на огромна предност на ВМРО-ДПМНЕ во споредба со СДСМ, повеќе од 100 илјади гласови. Ние се бориме за победа со поголем легитимитет. За сите нас е предизвик да ги мотивираме граѓаните да излезат во поголем број. Предноста на ВВМРО-ДПМНЕ е многу поголема од таа на Заев. Наш предизвик ќе биде таа победа да биде поголема за да имаме стабилна влада и мнозинство – нагласи Мицкоски.