Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во интервју за ТВ Клан Македонија истакна дека изминатава година власта на државата и граѓаните им донесе многу порази, а ниту еден успех.
-Не можам да кажам нешто што посебно убаво се случи, можеби тука би го издвоил европскиот трон, втор по ред на ракометниот клуб Вардар, на личен план би го издвоил моето звање како професор на универзитетот. И толку, нема друго за што би рекол ете во оваа фела во државата имаше успех, но можам да зборувам за многу порази, вели Мицкоски.
Тој посочи дека во годината која помина на власта и се случи целосен дебакл особено во летниот период потсети на сите корупциски скандали кои што кулминираа со случајот „Рекет“ и на крај со недобивањето на датумот за отпочнување на преговори со Европската Унија.
-Една колективна депресија го има општеството зафатено и навистина тоа е реалноста. Појдете во македонските градови и села, ќе видите еден пустош, можеби дел од раселеното население ќе се врати за празниците, ќе ги посетат дедовците и бабите, но потоа повторно ќе заминат и тоа мора да се смени, потенцираше Мицкоски.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ во однос на тоа како измина годината за партијата вели дека и покрај се партијата успеала да застане на нозе и покажала дека е најголемата партија во Македонија која ќе ја формира идната влада после предвремените избори.
-Стануваше збор за една динамична, навистина предизвикувачка година кога ВМРО-ДПМНЕ, застана цврсто на нозе, ВМРО-ДПМНЕ уште еднаш покажа дека е најголемата и најорганизираната политичка сила во Македонија и дека е фаворит број еден на следните парламентарни избори, заклучи Мицкоски.