Лидерот на најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во гостувањето во емисијата „Утро со Златев“, на Радио Лидер ги отфрли тврдењата дека Сашо Мијалков го поставил на чело на партијата.
„Тоа беше обид на СДСМ, Зоран Заев и на Оливер Спасовски, претпоставувам имаат таму скапо платени луѓе коишто работат на нивните односи со јавност и велат – ајде сега да го лепиме Сашо Мијалков до Христијан и на тој начин ќе санираме дел од штетата. Потоа има тука заробеници од типот на еден поранешен министер за здравство којшто, како последна кукавица, избега во 2017-та од штабот на ВМРО-ДПМНЕ. Избега затоа што беше исплашен дека може да одговара за она што го сработил или не сработил додека министерувал. Тој е сега главен советник и се обидува на невешт начин да сервира определени информации коишто се апсолутно неточни“, појасни Мицкоски.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, потсети дека во тоа време имаше јавен повик од страна на партијата да се кандидираат претседателски аспиранти, а тој бил единствениот којшто аплицирал за функцијата со комплетна документација.
„380 делегати на Конгресот во Валандово ме избраа меѓу кои тогаш беше и Сашо Мијалков“, рече Мицкоски.
Тој вели наместо да ја префрлаат топката Заев, Вице и Зоран треба да одговорат како завршија ВЛТ бознисите во Македонија, како завршија друг тип на бизниси од едно на друго семејство, а смета дека тоа се вистинските прашања.