Македонија 14. ноември 2019. / 14:06

Мицкоски: Ако имаме 80 пратеници и бадентерово мнозинство ќе го смениме Преспанскиот договор

Мицкоски: Ако имаме 80 пратеници и бадентерово мнозинство ќе го смениме Преспанскиот договор

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во интервју за Дojче веле на македонски јазик вели дека избори на 12 април мора да има. Неспособниот радикализам на Заев ќе го заменам со умерен патриотизам, најавува Мицкоски.

За Преспанскиот договор Мицкоски вели дека не е решение за проблемите на граѓаните. Ако некој на граѓаните им ветува дека со членство во НАТО ние ги решаваме проблемите, тоа не е точно.

Тоа е стратегиско партнерство кое што служи да бидеме дел од организација која во светот застанала зад Македонија, на начин на кој застанала и зад 29 други држави. Нашиот став го знаете. Ако имаме 80 пратеници, бадентерово мнозинство, ние сме подготвени и се отвора можноста за чекор назад во однос на тој Договор, тоа сум го кажал и тука нема и не треба да има дилема… Имате граѓани кои што велат не треба да се оди чекор назад кон Договорот, а имаме граѓани кои велат искинете го Договорот и фрлете го во ѓубре. Ниту едното, ниту другото не го решава проблемот. Секогаш вистината е помеѓу, а вистината е дека треба да имате чесен пристап. Со едноставно кинење на Договорот и фрлање во корпа не се решава проблемот, затоа што проблемот ќе си остане, бидејќи овој неспособен радикал го направил – вели Мицкоски.

На прашањето ,,Кои алтернативи ги барате, ако не се прифатливи Преспанскиот договор и Договорот за добрососедство со Бугарија”, Мицкоски одговори дека не може да ја прифати декларацијата на бугарскиот парламент дека македонскиот јазик е практично дијалект на бугарскиот јазик и дека не постои, кога е кодифициран и признат од 1977 година и се изучува во повеќе од 100 универзитети во светот.

Ако е тоа услов – ќе работиме да го промениме. Ако е услов дека Гоце Делчев бил Бугарин не можам да го прифатам, и мислам дека за најголемиот дел од македонското општество тоа е неприфатливо. Ако е услов да се откажеме од Македоците што се наоѓаат кај нашиот источен сосед, тогаш да ги предадеме сите оние што се бореа сите овие години, како што ги предадовме оние коишто се бореа во Грција од кои се откажавме со Преспанскиот договор… На црвени линии со црвени линиии се одговара. Не може ние на црвена линија да одговориме со бела линија. Како? Ќе прифатиме да мумламе во химната кога ќе дојде делот за Гоце Делчев?! Ќе прифатиме дека јазикот кој што го говориме вие и јас не е македонски? Знаете ли зошто секогаш ние губиме? Кога нема национално единство. Кога ќе имаме национално единство и цврст став, без разлика дали е тоа ВМРО, СДСМ ДУИ, Алијанса, кога сите ние ќе излеземе со униформна декларација – тоа е крај и тука нема назад – изјави Мицскоски за Дојче веле.