Државната МЕПСО ќе купува возила за 1,2 милиони евра. Покрај товарни набавува и патнички, но и една лимузина за директорот. Електронската аукција е завршена, се знаат и компаниите кои дале најповолни понуди на тендерот. Се чека само потписот од директорот, дали ќе се прифатат понудите, објави 24.мк.
Најдобра понуда за набавка на лимузината за директорот дала битолската фирма „Јосифов Дооел“, чија понуда е 37.500 евра, за која со пресметан ДДВ, МЕПСО би платил околу 45.000 евра. Која марка е понудената лимузина не откриваат ниту од МЕПСО ниту од компанијата.
– Тендерската постапка што е предмет на ваш интерес уште не е завршена, одлука не е донесена и не се избрани економски оператори. За исходот на постапката А.Д. МЕПСО навремено ќе ја информира јавностан – е одговорот кој доби 24.мк од МЕПСО.
Според тендерската документација покрај што треба да е дизел возило, металик црна боја, еве што се бара МЕПСО да има лимузината:
– Систем за препознавање и предупредување на замор кај возачот или еквивалентен систем, систем за автоматско одржување на растојанието до возилото напред, систем за автономно сопирање при ризик од фронтален судар на мали брзини, предни светла во Ксенон или ЛЕД изведба, систем за миење на предни светла, централен потпирач за раце за патниците на задните и предните седишта, алумински тркала, патен компјутер, темпомат – стои во тендерската спецификација.
Според податоците пак на Бирото за јавни набавки аукциите се завршени на 14 февруари.
Така МЕПСО бара еден камион дигалка со корпа за што најповолна понуда од 262.000 евра има компанијата „Каргомакс“. Едно товарно специјално возило за кое пак најповолна понуда има истата компанија за сума од 207.000 евра. Сумите се без пресметан ДДВ.
Потоа две товарни моторни возила кои најефтино ги понудила „Аутомобиле СК“ која е најдобра и за десет комбинирани патнички товарни возила.
Битолската фирма „Јосифов Дооел“ покрај за лимузината, има најдобра понуда од 125.000 евра и за 6-те патнички моторни возила караван.
Последната набавка на возила на МЕПСО е на крајот на 2016-та година, кога се потрошени 240.000 евра.
– Набавени се 5 теренски-товарни возила за потребите на мобилните екипи кои ги одржуваат далекуводите. Набавен е и еден електомобил за потребите на вработените за вршење секојдневни службени обврски во град како наш придонес во намалување на загадувањето – велат од МЕПСО.
Покрај вработувањата на роднините на функционерите, МЕПСО во јавноста беше прозван и за набавката на мебел вреден над 320.000 евра, во која влегуваа и фотелјите од природна телешка кожа.