Премиерот Зоран Заев, на Самитот за Западен Балкан во Познањ се сретна со британската премиерка Тереза Меј. Двајцата изразија задоволство од одличните билатерални односи меѓу Република Северна Македонија и Обединетото Кралство.
Тие изразија надеж дека во иднина пријателството ќе се продлабочи, особено во економската соработка, при што беше нагласен интересот на британските компании да инвестираат во Северна Македонија.
Премиерите ја истакнаа соработката меѓу двете земји и во мисиите на НАТО, а Меј го информирала Заев дека постапката за ратификација на Протоколот на пристапување на Република Северна Македонија во алијансата во британскиот парламент е во завршна фаза.
Британската премиерка ја поздрави препораката на Европската Комисија за старт на преговорите за нашата земја со ЕУ и изрази надеж дека тоа навистина ќе се случи во октомври како што најавија повеќето земји членки на ЕУ.
Меј, од која премиерот на Полска го презеде претседавањето на Берлинскиот процес и организацијата на Самитот за Западен Балкан, на средбата му честиташе на Заев за копретседавањето со овој процес со Република Бугарија во наредните 12 месеци.