Американскиот секретар за одбрана Џејмс Матис, овој викенд доаѓа во еднодневна посета во Скопје, со цел да ја поддржи Македонија пред референдумот, но и да ја изрази загриженоста од можно руско мешање во гласањето.
Москва се противи на проширувањето на НАТО и изјави дека Македонија ќе стане „легитимна цел“ ако односите меѓу НАТО и Русија се влошат.
„Тоа ме загрижува… Тој вид пакост што Русија го практикува од Естонија до САД, од Украина и сега до Македонија, секогаш се прилагодува на специфична ситуација и отсекогаш бил неприфатлив“, рече вчера Матис од Пентагон најавувајќи ја посетата.
Секретарот за одбрана, кој е трет највисок функционер во американската влада по претседателот и потпретседателот, вчера изјави дека ќе дојде во Македонија за многу јасно да ги истакне американските ставови против руска агресија.
„Ќе одам да ги посетам нашите македонски пријатели на многу кусо патување до таму и назад. Јасно ќе дадам до знаење дека сме со македонскиот народ“, рече Матис вчера во Пентагон.
Тој рече дека е загрижен оти Русија би можела да се обиде да се вмеша во Македонија исто како во Црна Гора пред влезот во НАТО лани. Црна Гора ја обвини Русија дека се обидува да го спречи влезот на земјата во НАТО и за обид за атентат врз премиерот.
Матис кажа дека сака да „осигура дека тие треба да знаат оти ние веруваме дека нашите македонски пријатели треба самите да си ја креираат својата иднина, а не некој однадвор“.