Северна Македонија ќе го најде својот пат кон Европската Унија преку соработка и компромис, преку демократија и владеење на правото, порача денеска шефот на германската дипломатија Хајко Мас по средбата со министерот за надворешни работи Никола Димитров.
Северна Македонија е дел од Европа. Ќе продолжам да работам кон преговорите за пристапување кон ЕУ. Мора да ги почитуваме достигнувањата Северна Македонија ќе го најде својот пат во преку соработка и компромис, преку демократија и владење на правото, објави германското МНР на Твитер по средбата на Мас со Димитров.
На средбата разговарале околу надежите на нашата земја да почне пристапни преговори. Ставот на германскиот министер е позитивен и најави дека ќе се залага за почеток на преговорите.
Не гледам воопшто никакви пречки за почеток на преговорите со Северна Македонија. Она што беше сторено во реформскиот процес е забележително. Предусловите за почеток на преговорите се исполнети и затоа се залагаме за нивно започнување – како во Бундестагот, така и кај нашите партнери во ЕУ, рече Мас.
Министерот Димитров, на заедничката прес-конференција, изрази благодарност за поддршката од германскиот колега.
Како нација одлучувме да продолжиме напред. Да изградиме функционална демократија во срцето на Балканот, во нашата земја Северна Македонија. Ова е препознаено во извештајот на Европската Комисија и одлуката на Советот беше одложена за октомври. Влогот е голем, за земјата, за регионот и за ЕУ. Пораките испратени до нас, исто така се однесуваат и на регионот. Дали вреди решавањето големи и тешки прашања и дали вреди инвестирањето во реформи, изјави Димитров.
Германскиот парламент во јуни годинава требаше да расправа за извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија и Албаниај и ја одложи за септември-октомври.
Министерот Димитров се сретна и со државниот министер надлежен за Европа, Михаил Рот при што соговорниците разменија мислења околу конкретните реформски резултати што Македонија ги постигна и поширокиот регионален и ЕУ контекст во пресрет на октомврискиот совет.
Димитров имаше низа средби со германски пратеници од Бундестаг и тоа: Јосип Јуратовиќ (СПД), Гунтер Крихбаум (ЦДУ, претседавач на Комисијата за ЕУ прашања), Кристијан Петри (СПД), Михаил Куфер (ЦСУ), како и со Уве Корсепиус, советник за ЕУ на канцеларката Меркел.
На средбите со германските пратеници кои дадоа јасна поддршка, стана збор за резултатите и напредокот што земјата ги оствари и аргументите зошто позитивната одлука во октомври е заслужена, особено во пресрет на претстојната дебата на Бундестаг на крајот на септември.
И утре Димитров продолжува со средби со пратеници од германскиот Бундестаг, советникот за надворешна политика на канцеларката Меркел, како и со претставници на германското Министерство за надворешни работи.