Македонскиот дипломатски синдикат бара од Владата да влијае на постапувањето на министерот и неговиот кабинет, како најитно би престанала харангата против неговите членови и дел од раководството на МДС.
Во МНР последната година “врие” од пресметки со “неподобните”. На сила и незаконски, со фалсификувани факти, им се суди на најквалитетните млади дипломати, докторанди и магистри. Притоа, се злоупотребуваат наши колеги кои се принудуваат или се корумпираат, како би покренале дисциплински постапки против своите колеги со кои го делат лебот, реагираат од Македонскиот дипломатски синдикат
Во продолжение соопштението во целост
Имавме и арбитрарно бркање од работа на тројца колеги, кои Судот ги врати на работа, а триесетина дипломати, од кои некои и со највисоки звања и врвни кариери, се деградирани и понижувани, додека платите и придонесите им се намалени без никакви дисциплински постапки. Туку така, според нечиј ќеиф.
Како синдикат, речиси година дена го креваме гласот против многубројните неправди и злоупотреби на службената должност, но не гледаме подобрување. Молкум, упорно се спроведува праксата на застрашување, додека куќата неповратно тоне во реваншизам и од министерот наметнати поделби на “ваши” и “наши”. Како никогаш до сега во историјата, против МНР е поднесен голем број лични тужби од страна на вработените пред суд, а оспорен е и неславниот Етички кодекс пред Уставниот суд.
Го повикуваме министерот да се вразуми и да престане со шиканирање на вработените. Во МНР како една од елитните државни институции не смее да има ни помисла за авторитарно владеење, а не пак негово драстично практицирање. Министрите доаѓаат и си заминуваат, но штетата што како најодговорни луѓе во институцијата можат да ја направат нема да можат да ја поправат повеќе генерации. Дали е навистина успех за еден министер зад себе да остави руинирана и длабоко поделена дипломатија?
Што е многу, многу е!
Македонски дипломатски синдикат