Македонија 02. јули 2018. / 13:32

Македонската економија сепак нема да расте во 2018

Македонската економија сепак нема да расте во 2018

Компаниите очекуваат поголеми даноци, поскапи горива, повеќе инспекции, повеќе социјални трошоци. Тоа не се услови за згоемување на инвестициите и нови вработувања.

Економските политики на владата на Зоран Заев, Драган Тевдовски и Кочо Анѓушев создадоа огромен јаз помеѓу планираното и реализираното. Имено и Заев и Анѓушев изминатиот период од носењето на Буџетот па до пред некој ден убедуваа дека буџетот за 2018 година е развоен и дека ќе донесе раст на бруто домашниот производ од 3,2% до крајот на годината.

Но лошите економски параметри на Владата на Заев продолжуваат и оваа година. Откако ја завршија 2017 година со раст од 0%, сега и во првиот квартал економските показатели не се воопшто добри, односно економијата пораснала само за 0,1%.

Патем да биде позагрижувачка ситуацијата овој рекордно низок раст, во компарација со другите земји, доаѓа во услови кога Македонија го има најголемиот буџет, што значи дека од граѓаните, стопанството и општо економијата се зафаќаат најмногу средства. Тие средства Владата очигледно лошо ги менаџира, бидејќи не стимулираат развој, туку стагнација и пад во компаративна смисла, бидејќи сите одат напред, а Македонија стои во место.

– Буџетот е 211,7 милијарди денари или тоа е приближно 3,4 милијарди евра, при што овој буџет треба да обезбеди минимум 3,2% раст на БДП и притоа има дефицит од 2,7% со тенденција за опаѓање. Ќе се обидеме со што е можно помали задолжувања да оствариме колку што може подобар живот за граѓаните на Република Македонија. Јас сум длабоко убеден дека економскиот раст е добро проектиран, дека ќе се постигне 3,2% зголемување на БДП. Јас очекувам дека таа бројка да биде поголема, – велеше Анѓушев.

Во вакви услови со минорен раст, кој е на ниво на стагнација, сите проектирани задолжувања кои се прават зачестено, иако се ветуваше дека Македонија помалку ќе се задолжува, а повеќе ќе се развива, ќе доведат до реален раст на процентот на задолженост на државата, што се повеќе не турка кон економскиот амбис.