Угледниот, честитиот и достоинствен Зоран Заев, човекот кој додека го дише овој македонски воздух, додека го држи паметот дека неговиот дедо, татко, сите негови претци, тој, неговиот син и ќерка се Македонци, родени овде во Македонија, немаше да го смени името на државата, но и не само тоа, туку и веруваше дека не постои роден човек во Македонија, кој е подготвен да излезе пред Парламентот и да побара промена на Уставот и уставното име, човекот кој, сепак, е премиер на Република Северна Македонија, вчера уште еднаш и се наврати на македонштината.
пишува: Предраг ДИМИТРИОВСКИ
Овојпат одговарајќи на пратеничко прашање дали Владата има план „Б“ во случај некој од соседите, со кои потпишавме договори за добрососедство, да крене рачна на нашиот пат кон евроинтеграциите. И така разбравме дека како држава немаме план „Б“ ако некој тргне кон блокада, туку планот „Б“ е да го вратиме тој некој на планот „А“. Што ќе рече, планот „А“ си е план „А“ и нема алтернатива. Згора, на патот на евентуално враќање кон единствениот план „А“, а „во функција на двата договора треба да изнаоѓаме прагматични начини“, што „не значи дека треба да ги ризикуваме нашите чувства, нашите права, нашето битие или слично“. Зашто, како човек, кој ги договарал двата договора, нашиот премиер не се чувствува „помалку Македонец од другите“ и не верува дека „некого повеќе го боли македонштината“ од него.
Аферим. Пустата таа македонштина! Го слушаш и гледаш премиерот Заев и чиниш ги читаш и гледаш пред себе Гоце, Даме, Христо, Иван, Борис, Орцето, Павел, Никола, Питу, Венко, Коста, Шарло, Ченто, Лазо, Кузман, Страшо, Михајло, Славко, Киро, Александар… Сите поединечно и сите заедно. И не само нив. Туку и уште плејада други споменати и неспоменати имиња, кои завршија на пантеонот на слободата, независноста и самостојноста на македонската држава. Ама некогаш, пред децении и децении, години и години. Кога имало идеали.
А, денес се други времиња. Денес е време на добар муабет на маса во меана, со чашка ракија. И на рекет. Ако имаш пари да си ја платиш слободата. На рекетари од секаков вид. Подземни, надземни, естрадни, обвинителски, судски, политички… Ако немаш пари, ќе си лежиш. За искажан збор, став, за 10 ќебапчиња, пеење химна, носење непожелно знаме…
Не ги споменувам и меаната, и чашката ракија и рекетот туку така. Не. Зашто, тие станаа основен параметар за вредноста на македонштината.
Па, видете што ни порачува онаа карикатура од бугарски министер за одбрана! Како се викаше? Божидар Димитров? А, не, тој почина, Бог да му душа прости. Овој е некој нов Божидар, само со друго име Красимир. И тоа Каракачанов. Вели, многу добро ги познавал македонските политичари. Ама се разочарал во нив. Зашто, кога седеле на маса, со чашка ракија, сите биле добри Бугари! А, станат од маса, пак, одма менуваат плоча. Знаеш, тешко е да му се каже на народот, на општеството… Дека сме Бугари.
А, Катица Јанева? Специјалната јавна обвинителка во која беа вложени сите надежи за нов почеток и живот, со владеење на правото и правдата, ги сруши сите митови, па и тој за македонштината за една гарнитура за седење. Од Орце или од Боки 13. Не е важно. Ама чинела 5.000 евра. Па, што?! Толку вредела. Македонштината. Соодветно на времето без идеали.