Од петокот во 16 часот Македонија е во целосна викенд изолација – фаза кога воведените мерки се најстроги. Забраната за движење на населението, и согласно одлуката на Владата ќе трае до понеделник до 5 часот. 61-часовниот карантин важи за сите граѓани на територија на целата држава, освен за полицијата, армијата, здравствените работници, пожарникарите, земјоделците.
Дежурните аптеки работат непречено, а продавниците, маркетите и рестораните кои имаат соодветна дозвола за работа примаат нарачки и вршат достава на своите производи. Маркетите и контактите се објавени на општинските интернет-страници. Доставата на неопходните продукти на граѓаните ја вршат лицата волонтери до самите домови на граѓаните.
-И за време на верските празници кои се пред нас, ќе важи целосна рестрикција во движењето, изјави министерот за здравство Венко Филипче.
Сепак, тој смирува дека оваа состојба нема да трае долго, до колку граѓаните се придржуваат до воведените мерки. Министерот на вчерашната прес конференција потенцираше дека е многу важно што има линеарен пораст на бројот на пациенти, што како што рече, „значи дека успешно се амортизира ударот“, во смисла на бројот на пациенти кои се примаат во клиниките.
Последното ажурирање на податоците вчера покажаа 48 новозаразени лица со што вкупната бројка на позитивни на короана вирусот во земјава се 711 лица. Најмногу од новозаразените се од Куманово 25, потоа следи Скопје со 11, Прилеп 4, по еден во Тетово, Штип и Охрид, Стуга 3 и Гостивар 2 новозаразени.
На Клиниката за инфектини болести хоспитализирани се вкупно 66 пациенти, од кои осум се на механичка вентилација со тешка форма на болеста. А пак, Во болницата 8 Септември хоспитализирани се 21 пациент од кои шест се на респираторна машина. Во болницата во Битола се лекуваат четворица, а во Штип 8 лица.
Внимание во јавноста во петокот предизвикаа и лидерите на двете најголеми политички партии во земјава. Зоран Заев и Христијан Мицкоски, се во задолжителна домашна изолација, по информацијата дека еден новинар од ТВ медиум е позитивен на КОВИД-19, а истиот имал интервјуа со нив. Резултатите и кај двајцата се негативни на корона вирус.