Македонија 18. март 2019. / 18:05

Македонија на мигрантите ќе им нуди домување, образование и вработување

Македонија на мигрантите ќе им нуди домување, образование и вработување

Дали последните препораки од американската фондација УСАИД за интеграција на мигрантите кои ќе побараат да останат на македонска територија и алармот на експертите  за безбедноста по транзит рутата, треба да донесе загриженост и за македонските институции…, пишува Алфа.

Oдговор на ова прашање Алфа побара од Илинденска бр.2, но оттаму не препратија во ресорното министерство за труд и социјала од каде велат дека нема да ги коментираат насоките,бидејќи немале удел во изработката на видеото. Но потврдуваат дека преку Центарот за интеграција лицата кои аплицираат им се обезбедува домување и сместување, образование, вработување и заштита, согласно Законот за меѓународна и привремена заштита.

-Во рамките на Центарот за интеграција, лицата кои што аплицираат за локална интеграција се асистирани во процесот преку изработка на Планови за локална интеграција  во кои што се предвидуваат активности во повеќе сектори и тоа: домување и сместување; образование и обука; вработување и стручно оспособување; здравствена заштита; социјална заштита и општествена интеграција. Сите права и обврски на лицата со признаено право на меѓународна заштита се определени во Законот за меѓународна и привремена заштита и се врзани со типот на заштита кој што лицата го остваруваат (лица под супсидијарна заштита или лица признаени бегалци), одговорија од МТСП за Алфа.

Експертите за безбедност предупредуваат – иако со намален интензитет, балканската рута функционира, а најновите препораки носат и страв од инфилтрирани  структури поврзани со терористичките организации. Спорно е дали и дали имаме државен апарат кој може да ги социјализира овие лица.

Според видеото, мигрантите најпрво ќе треба да им биде обезбедено дом, образование и вработување, здравствено осигурување. Оние кои се стекнале со статус на лице под заштита загарантирано добиваат сместување кое ќе им биде платено две години, додека сам не си обезбеди свој дом. Ако мигрантите пак бидат дел од програмите за интеграција на УСАИД Северна Македонија може да добиваат средства за домување и повеќе од две години, пренесува Алфа.

Според видеото и нашето Министерство за образование веќе изготвувало програми за изучување на македонскиот јазик за полесна комуникација на мигрантите со интитуциите и околината. Оние кои ќе се пријават во Агенцијата за вработување добиваат и загарантирано здравствено осигурување и социјална заштита. Во конечната фаза е и добивањето на државјанство, во која според УСАИД Северна Македонија, мигрантите стануваат рамноправни како и Македонците.

До денеска во трите прифатни центри сместени се 62 лица баратели на азил од кои 20 малолетници. Во Македонија во моментов престојуваат и 99 семејства кои се вклучени во процесот на интеграција од кои дури 97 се бегалци од косовската криза. Европската статистичка агенција Евростат според последните информации измери дека лани во земјите членки на ЕУ 580.000 лица побарале азил. Најголем број од нив побарале да останат во Германија, Франција, Шпанија и Италија.