Бугарија не дозволува да биде усвоена преговарачката рамка што треба да го отвори патот за одржување на меѓувладината конференција и старт на преговорите за членство на Македонија во ЕУ.
Денеска ја имаме првата непријателска порака и блокада од Бугарија за преговарачката рамка во Брисел, рече вчера премиерот Зоран Заев.
– На првиот состанок на Комитетот на постојани претставници во Советот на Европската Унија (КОРЕПЕР) ја имаме првата блокада од Бугарија. Денеска е прекршен членот 2 од договорот, ние ништо досега не прекршивме. Ова е непријатно чувство. Треба да бидеме паметни и да го решиме спорот на пријателски начин, а денеска е испратена не така пријателска порака од соседна Бугарија. Првиот чекор е блокиран, рече вчера премиерот Заев.
Советот за општи работи на министрите на ЕУ, на кој треба да се прифати преговарачката рамка за почнување на пристапните преговори со Македонија, вчера беше одложен на 17. место на 10 ноември, а премиерот Заев рече дека дотогаш ќе има уште два состанока на амбасадорите во КОРЕПЕР, па уште има шанса да се постигне напредок и во декември да почнат преговорите со ЕУ.
Бугарската блокада, според вицепремиерот Никола Димитров, не е помагање, туки напротив, а инсистирањето на Софија на резервите кон македонскиот јазик е отров за билатералните односи.
Отворањето на преговорите со Северна Македонија, вели тој, ќе биде или заеднички успех или заеднички неуспех за Брисел, Софија и Скопје. Многу е битно и каква порака ЕУ ќе се испрати до целиот регион.
– Каква пораката се испраќа за целиот Балкан ако во март има одлука за преговори, а до декември ништо не се случи. Довербата во зборот на ЕУ ќе се истенчи уште повеќе, смета Димитров.
За шефот на дипломатијата Бујар Османи, неуспехот да се постигне согласност за Рамката за преговори не е добра вест, но сепак, не значи дека на наредните состаноци нема да се најде решение. Конечната одлука се носи на Советот на министри, што треба да се одржи за една недела, и овој простор од неколку дена треба дополнително да се искористи. Евентуалното бугарско вето, според Османи, ќе има сериозни последици и по внатрешната динамика, и по билатералните односи, но и по регионалните прашања.
Во меѓувреме, со појаснување на првата блокада на усвојувањето на преговарачката рамка за Северна Македонија излезе бугарското МНР.
– Бугарија ја извести Европската комисија дека не е во можност да ја прифати предложената преговарачка рамка за Република Северна Македонија и нацрт-декларацијата, бидејќи не ги даваат потребните гаранции за исполнување на бугарските услови. За Бугарија е неприфатливо нејзините услови за Република Северна Македонија да бидат поставени во декларацијата на Советот на ЕУ, што ја придружува рамката за преговори. Декларацијата на Советот не е правно обврзувачки инструмент и не ги дава правните гаранции што ги бара Бугарија. Ние би имале такви гаранции доколку нашите барања се рефлектираат во текстот на рамката за преговори, на што инсистираме, велат од бугарското Министерство за надворешни работи.
Сепак, Софија смета дека и покрај кратките рокови решение може да се постигне.