Ниту еден збор нема за проширување, членство, интеграција во текстот на Декларацијата што треба да биде усвоена на Самитот во Загреб што е предвидено да се одржи алтернативно на 6 мај преку видео конференција, пишува Еуроактив, пренесува Јутарњи,хр.
Иако амбицијата на хрватското претседателство беше овој самит да биде пресвртница во процесот на проширување на ЕУ и перспективите на членство на земјите од регионот, исходот ќе биде под овие очекувања, а тоа е видливо од нацртот на „Декларацијата од Загреб“ која ќе биде усвоена и во чија содржина Јутарњи лист имал увид.
Никаде во текстот не се споменува проширување, членство ниту интеграција во ЕУ. Постои само неодредена реченица за „европска перспектива“ и за силно поврзување. При тоа може да се рече дека оваа Декларација во својата содржина нуди многу помалку отколку онаа пред 20 години. Причината за тоа, како што дознава Јутарњи лист од дипломатски извори, е инсистирањето на некои држави, како Франција и Холандија, но до некаде и Германија, ова да не биде самит за проширување.
Во текстот не се споменува ниту најголемиот успех во тој процес во текот на хрватското претседавање-одлуката за пристапни преговори со Албанија и Македонија. Но, дипломатите сметаат дека сепак е добро што сето ова, без оглед на околностите, овој самит ќе се одржи и што се повторува потпората за „европска перспектива“ на регионот, колку да не се заборави на тоа.
Од текстот на нацрт декларацијата видливо е дека кризата со Ковид-19 имаше влијание и на сегашните и на идните односи кон регионот. Притоа таа може да послужи во јакнење на соработката која ЕУ постојано ја бара (познатиот проект „мини шенген“ кој го развиваат Албанија, Србија и Македонија), но и јакнење на врските со ЕУ.