И Заев и Мицкоски се согласни дека на средбата треба да стане збор за корона-кризата, евроинтеграциите и другите прашања кои се од интерес на граѓаните
Премиерот и претседател на СДСМ, Зоран Заев најави одржување лидерска средба до крајот на годинава. Рече дека очекува да ја свика претседателот Стево Пендаровски, а доколку тоа не се случи, тој самиот ќе ја иницира.
-Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, го повика претседателот на државата да свика лидерска средба, но не сум во тек што се случува. Доколку не се свика таква лидерска средба, јас би го контактирал денеска-утре претседателот на државата за една таква намера, доколку не, веројатно јас до крајот на годината ќе свикам лидерска средба и заради евроинтеграциите, но и заради справување со ковид-кризата и за сите други сфери на интерес за граѓаните за кои би можеле да дискутираме на средбата, рече Заев одговарајќи на новинарско прашање по отчетот за сработеното во првите 100 дена на Владата.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пак, најави дека би учествувал само на средба што би ја свикал Заев и на која би се прифатиле евентуалните дополнувања на темите што ќе ги предложи опозицијата.
-Не ја гледам улогата на Стево Пендаровски во оваа лидерска средба. Стево Пендаровски не е лидер на политичка партија. Ако е потребна поддршката на политичките партии, ние политичките партии да разговараме за нешто, тогаш се знае треба да седнат политичките партии и да разговараат. Се знае кој е тој што треба да ја свика таа лидерска средба. Ние неколкупати досега ја побаравме таа лидерска средба. Ако цени дека треба да седнат политичарите да разговараат на таа лидерска средба, стојам на располагање. Но, на еден формат кој би бил организиран од Стево Пендаровски нема да учествувам зашто не ја гледам улогата Стево Пендаровски, изјави Мицкоски додавајќи дека ќе учествува на лидерска ако иницијативата доаѓа од Владата.
Од кабинетот на шефот на државата велат дека претседателот не планира да свика лидерска средба.
-И самиот лидер на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во изјавата за медиумите вели дека претседателот на државата не е лидер на политичка партија, а тој бара свикување средба со лидерите на партиите, истакнуваат од кабинетот на Пендаровски за МИА.
И Заев и Мицкоски се согласни дека на средбата треба да стане збор за корона кризата, евроинтеграциите и другите прашања кои се од интерес на граѓаните.