Новогодишна честитка на „Економски Лидер“:
Почитувани читатели,
Во првата половина на 2018-та година го почнавте вашето дружење со возобновениот „Економски Лидер“ и неговата нова редакција. Нашата вистина, иронично почнавме да ја кажуваме на денот на лагата, 1 април. Оттогаш па наваму, според Google Analytics, сте не прочитале вкупно 11.991.299 пати, а нашиот сајт го отвориле неверојатни 2.287.050 корисници. Не е лошо за нов медиум, се шегуваме – одлично е!
Претходната година беше исклучително тешка за Република Македонија, видовме неверојатни политички превирања, неуспешен референдум, протести… видовме бегство, видовме криминал и корупција, видовме наместени тендери… за на крај – да видиме и амнестија.
За Македонија беше тешко, а за нас беше забавно! Ве лажат сите оние кои велат дека новинарите не уживаат во несреќи! Нашата фела е најголем непријател на интенциите на министерот за финансии, Драган Тевдовски, земјава да ја претвори во Данска. Чунки, во Данска новинарите не би имале што да работат. Кај нас важи девизата: Колку полошо, толку почитано!
2018-та во секој случај беше многу полоша од 2017, која пак беше уште полоша од 2016, која пак беше полоша од 2015, која пак беше полоша од 2014… така што, немаме намера да ви влеваме лажна надеж дека 2019-та година ќе ви биде подобра од 2018-та. Нас како новинари, најстрого ни е забрането да ве лажеме и токму затоа ќе им оставиме на политичарите да ве убедуваат дека ќе живеете подобро.
Ние само го следиме светскиот тренд на борба против лажните вести, а нема поголема лажна вест од тоа дека наредната година ќе биде посреќна.
Наместо да ве залажуваме со приказни за „Среќна Нова Година“, редакцијата на „Економски Лидер“, едногласно одлучи да ви честита „Среќна Нова Северна Македонија“. Нашата едногласност во изборот на честитката, помина нешто слично како онаа во изборот на претседателот на Собранието Талат Џафери: Станати од столиците, без закажано гласање и со неколку подигнати две раце.
Ни се може! Кога никој не ја почитува вољата на граѓаните изразена на референдум или пак на избори, зошто кај нас да се почитува некаква редакциска демократија?! Добро, има една разлика, а тоа е дека нас оваа честитка не ни ја нарачаа „од горе“, но и тоа не е така сигурно. Неколкумина во редакцијата, отворено изразуваат сомнеж дека е нарачана.
За помалку од петнаесеттина денови ние ќе живееме во истата држава, со друго име. Иако нашата уредувачка политика јасно беше дефинирана против промената на името, пред вас сме должни, пред тоа да се случи, да потпишеме капитулација.
Затоа, почитувани читатели, ви посакуваме СРЕЌНА НОВА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА! Од претходната – Македонија – излегуваме северјански заледени како граѓани, како народ и како нација… Очигледно најмногу сме заледени во мозоците, па треба малку да затоплиме, да го сршиме мразот и да продолжиме напред.
Новинарството е професија од јавен интерес, да се биде новинар значи да се работи за јавниот интерес. По долги консултации со самите себеси, дел од нас, одлучија да работат за јавниот интерес во новата Северна Република Македонија. Некои сеуште се мислат… имаат уште петнаесеттина денови… или девет… не се знае уште колку ќе чука бројчаникот, но „тик-так“ е тука!
Многумина вечерва ви изговараат празни фрази од типот „Полека со алкохолот!“, „Полека со јадењето!“. Ние нема да ве обесхрабруваме! Слободно уживајте во хедонизмот! Мораме да си го зачуваме идентитетот, а тој ни е значајна нишка од истиот…
Ви велиме „Полека со лубрикантите!“, не затоа што сме загрижени за вашите хетеросексуални или хомосексуални шуплини, туку за да не отворите простор за некоја нова набавка!
Редакција „Економски Лидер“