Македонија 14. август 2019. / 13:37

ЛГБТИ бара извинување од Заев – „Педер“ не е карактерна особина, туку симболизира омраза и гадење

ЛГБТИ бара извинување од Заев – „Педер“ не е карактерна особина, туку симболизира омраза и гадење

Националната мрежа за борба против хомофобија и трансфобија ЛГБТИ реагира на изјавата на премиерот Зоран Заев, во која тој вели дека нема да дозволи власта да ја урнар неколку криминалци, суетен новинар и педер.

Oд ЛГТБТИ порачаа дека луѓето зборот „педер“ го слушаат секојдневно: во училиштата, на улица, во државните институции, од ресторани и берберници до полициски станици. Да се биде „педер“ во Северна Македонија значи да се живее во средина која те дехуманизира, ти ја ограничува слободата, најгрубо ти се замешува во приватноста и не ти овозможува да ги остваруваш своите желби и планови под еднакви услови како и останатите граѓани.

Од таму појаснуваат дека бидувањето „педер“ некои од нив ги чинело и многу повеќе: насилство кое полицијата никогаш не го решила, семејства кои нѐ повредиле и не нѐ прифаќаат, насилство кое оставило длабоки рани од кои црпиме мотивација за отпор и солидарност, за ревносна борба за нашите права и рани на кои сме горди. „Педер“ не е нечија карактерна особина, „педер“ го симболизира општеството кое гаи омраза, страв и гадење кон нас.

Откако јавноста дозна за случајот „Рекет“ во кој е вмешан Бојан Јовановски, во медиумите и на социјалните мрежи фокусот е ставен на неговата претпоставена сексуална ориентација и истата се користи за лично омаловажување и исмевање, со што се прави голема штета по достоинството на целата заедница.

Најверојатно не треба да објаснуваме дека сексуалната оринетација на Боки 13 нема врска со неговото противзаконско делување. ЛГБТИ луѓето не се хомогена група, исто како и хетеросексуалците, можат да бидат конзервативни или либерални, религиозни или атеисти, да припаѓаат на различни етнички заедници, да се занимаваат со криминални дејствија или чесно да си го заработуваат лебот.

Ако хетеросексуалец направи криминал, никој нема да ја спомене ниту тоа ќе го припише на неговата хетеросексуалност, но ако геј маж го направи истото, целата јавност па дури и премиерот ќе ја потенцира неговата сексуална ориентација.

ЛГБТИ заедницата во Вас и во Вашата партија гледаше и сѐ уште гледа сојузник, велат од таму.

Ве повикуваме да се извините јавно, овој пат по уште понавредливите оправдувања, со цел да се санира штетата предизвикана врз јавното мислење од вашата изјава. Но уште поважно, Ве повикуваме интензивно и сериозно да се зафатите со унапредување на правата на ЛГБТИ луѓето. Тоа е единствен начин да се надомести за исклучувањето, стигмата и насилството кое оваа заедница го искусува и да се изгради едно општество за сите – порачува ЛГБТИ.