Македонија 15. јуни 2020. / 10:09

Кривата на заболени од Ковид-19 го поклопи Филипче над 100%, а Спасовски со 2/3

Кривата на заболени од Ковид-19 го поклопи Филипче над 100%, а Спасовски со 2/3

Бројот на заболени од Ковид-19 од почетокот на пандемијата ги сруши сите проекции на власта. Фамозната крива на министерот за здравство и портпарол Венко Филипче само за две недели го поклопи над 100%.

Според податоците на Комисијата за заразни болести, заклучно со вчерашниот ден, 14 јуни, бројот на вкупно заболени во државата се сикачи на 4.057 лица! Или, тоа е малку повеќе од двојно од бројката, што Филипче ја најави – 2.000 заболени!

До ден денес на јавноста не и беше објаснето врз основа на кои критериуми Филипче ја одреди првичната бројка за која се правеа сите проекции во борбата со корона вирусот.  Дали врз основа на препораките на Светската здравствена организација или од досегашните научни искуства дека може да се очекува заболување на 0,1% од бројот на вкупното население.

Во целата ситуација единствено како добро се покажа тоа што Филипче не кажа бројка, што може да се очекува како починати.

За разлика од Филипче, техничкиот премиер Оливер Спасовски излезе во јавноста со бројка од 2.500 заболени. И тој не кажа врз основа на што го темели овој податок. Дали врз научни податоци или, пак, од едноставна причина да се внесе страв кај населението во борбата со невидливиот „непријател“.

Но, и неговата прогноза се покажа како неточна. Немилосрдните црни рекорди, што ги поставува Македонија, најлоши од сите земји во регионот, а според најновите податоци и во светот, веќе ги надминаа проекциите на Спасовски за 2/3.

Последните податоци за бројот на новозаболени веќе не се од Бајрам и Рамазанските празници, туку од периодот по нив. И тие секојдневно ги поразуваат и Филипче и Спасовски. Дури, како изминува времето, изјавите на Филипче од прес-конференциите по една недела делуваат, за жал, смешни. На пример, предминатиот петок, пред воведувањето на 80 часовниот полициски во најзагрозените подрачја, Филипче меѓу другото рече дека очекува намалување на бројот на новозаболени за штотуку изминатиот викенд. А, токму во саботата и неделата беа регистрирани најголемиот број и на новозаболени и на починати лица.

Очигледно, транспарентноста и пи-ар стратегијата на министерот портпарол сами по себе се претворија во негова лична црна антипропаганда. И неговиот збор веќе не вреди ни пет пари.